Мицкоски по изјавата на Меџити за УЧК: Не може убиства од заседа да се праведна борба
Не може да биде разумна и праведна војната во која кукавички, од заседа, се убиени припадници на безбедносните сили, изјави премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја изјавата на неговиот коалициски партнер од ВРЕДИ, Изет Меџити дека војната на УЧК била „праведна, разумна и чиста“.
Одговарајќи на новинарски прашања, претседателот на Владата ги повика, како што рече, сите разумни политичари да се воздржат и да не се враќаат на теми што се затворени, да не ја следат политиката на поделби на ДУИ, туку да се фокусираат на теми од иднината.
„Ја слушнав таа изјава и тука апсолутно имаме различни гледишта на работите. Не може да биде разумна и праведна. Не може некој кој од заседа кукавички одземал животи и убивал припадници на министерствата за внатрешни работи и за одбрана, тоа не може да биде праведна и чесна војна, барем не во Мекедонија, не коментирам за соседството. Но, тоа се теми кои се дел од минатото, затворени со Рамковниот договор, а со последните законски измени, конкретно Законот за правична застапеност кој е во Венцијанската комсиија, тој е затворен“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека во фокусот на Владата е иднината, а не минатото, и повика „разумните политичари“ да гледаат напред, а не назад.
„Нашиот фокус како Влада е иднината, тоа е она што ние сакаме да го видиме. Ова се теми затворени и јас апалирам до сите разумни политичари, да не играат на картата на ДУИ и на оние коишто сакаат да нè вратат 25 години назад. Единствената порака што доаѓа од Демократската унија за интеграција во 14-15 месеци опозиција, заедно со новите коалициски партрнери СДСМ и Левица, е токму тоа – поделба. Затоа, апелирам до сите да се воздржиме од какви било теми коишто нè враќаат назад во минатото, да гледаме кон теми во иднината“, порача Мицкоски.
Вицепремиерот и кандидат за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, во објава на социјалните мрежи пред три дена истакна дека „Војната на УЧК во Косово, во Прешево и во Македонија беше праведна, разумна и чиста“, изразувајќи поддршка на протест што се одржал во Приштина организиран од Здружението на воени ветерани на паравоените УЧК и ОВК.
Протестот во Приштина се одржа „против неправдата“ што наводно ја извршил Специјализираниот совет на Косово во Хаг против поранешните водачи на ОВК и УЧК кои се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото.
Еден од говорниците на протестот беше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.