Општините лани потрошиле 190 милиони евра за јавни набавки
Сите осумдесет општини во земјава и Градот Скопје во 2024 година потрошиле рекордни 190 милиони евра на тендери, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Истражувањето покажува дека биле склучени вкупно 4006 договори за јавни набавки, а само во 2024 година, вредноста на општинските тендери пораснала за 16 проценти, односно за 26 милиони евра. Најголемо зголемување во вредноста на тендерите имаат скопските општини Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода.
„Град Скопје за прв пат го загуби приматот и со годишен пад на вредноста на тендерите од 11,5 милиони евра, се наоѓа на шестото место. Општините склучиле договори за јавни набавки со 1210 фирми. Дури една четвртина од вкупната вредност на локалните тендери завршила кај само 10 фирми. На врвот според вкупната вредност на договорите е ЕДС (Енерџи деливери солушнс) со вредност на договорите од 500 милиони денари, односно околу 8 милиони евра“ се вели во истражувањето.
Општините трошеле на јавни набавки просечно по 28 % од своите буџети. Најголема вредност на набавки по жител има Општина Дојран или 675 евра, а најмала Градот Скопје, само 14 евра.
Најголемо зголемување на вредноста на јавните набавки во 2024 година има кај Општина Гази Баба и тоа околу 5,7 милиони евра. Веднаш по неа е Општина Аеродром со годишно зголемување од 5,4 милиони евра, па Општина Кисела Вода со 4,9 милиони евра. Следуваат општините Битола, Ѓорче Петров и Штип со зголемена вредност на јавните набавки за околу 3 милиони евра, па Струмица со 2,8, Велес со 2,2 милиони евра и Охрид со 2 милиони евра.
„Околу милион и пол евра зголемена вредност на јавните набавки имаат општините Кавадарци, Илинден и Арачиново. Општините Крива Паланка и Виница имаат зголемување од околу милион евра, додека кај останатите 38 општини, вредноста на јавните набавки во 2024 година е зголемена за помалку од милион евра“, се наведува во истражувањето.
Пад на вредноста на тендерите кај Град Скопје и 28 општини
Намалување на вредноста на набавките во 2024 година во однос на 2023 година има кај вкупно 29 општини. Најголем пад во апсолутна вредност на тендерите во 2024 година бележи Градот Скопје, од дури 11,5 милиони евра, а по него следуваат општините Центар, со пад од 2,2 милиони евра, потоа Радовиш, со намалување од 2 милиони евра, Тетово со 1,5 и Општина Карпош, со пад од околу милион евра.
„Градот Скопје ја изгуби апсолутната доминација во јавните набавки и сега се наоѓа дури на шестото место со остварена вредност на договорите за јавни набавки во 2024 година од 7,3 милиони евра. Во 2023 година вредноста на договорите за јавни набавки на Град Скопје изнесуваше близу 19 милиони евра, па така во 2024 година Скопје има пад од околу 11,5 милиони евра. Набавките на Градот Скопје во 2024 се драстично пониски од изминативе 7 години и тоа двојно пониски од 2018 година кога биле најниски во оваа седумгодишна низа, а изнесувале околу 14 милиони евра“, покажува истражувањето.
Сепак, како што се наведува во истражувањето, вредноста на јавните набавки на скопските општини и Градот Скопје во 2024 изнесува 30 % од вкупните набавки на сите 80 единици на локална самоуправа и Градот Скопје.
Локалните самоуправи кај кои само една фирма има добиено половина од вкупните набавки на општината за 2024 година се: Желино Дојран, Врапчиште, Струмица, Бутел, Крушево, Старо Нагоричане, Зелениково, Липково, Могила, Арачиново, Босилово и Виница.
Интересно е што кај половина од општините, третина од спроведените јавни набавки во 2024 година ги реализирала само една фирма.
„Целта на овој податок е да ги алармира локалните власти да преземат активности во насока на стимулирање на конкуренцијата, како и, по можност, поделба на тендерите на делови наспроти нивно окрупнување“, се наведува во истражувањето.
Од Центарот за граѓански комуникации наведуваат дека воочувањето концентрација на една фирма во јавните набавки на одделните општини е и една од главните придобивки на оваа база на податоци за јавните набавки на општините бидејќи овозможува јасен и визуелен приказ на состојбите.