Трамп ја продолжи суспензијата на царините за кинески производи за уште 90 дена
Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која се продолжува примирјето во трговската војна со Кина за дополнителни 90 дена, објави функционер на Белата куќа.
Наредбата дојде откако Трамп даде нејасен одговор на прашањето на новинар дали ќе ги продолжи пониските царини еден ден откако го повика Пекинг четирикратно да ги зголеми своите нарачки на американска соја.
Примирјето во трговската војна меѓу Пекинг и Вашингтон требаше да истече една минута по полноќ по локално време во вторник(12 август).
Наредбата спречува американските царини за кинескиот увоз да се зголемат на 145 проценти, што би ги зголемило кинеските царини за американските стоки на 125 проценти, што ефикасно би довело до трговско ембарго.
„Ќе видиме што ќе се случи. Тие се однесуваат доста пристојно. Имам многу добри односи со кинескиот претседател Си Џинпинг“, рече Трамп на прес-конференција кога новинарите го прашаа дали има намера да го продолжи рокот.
Во моментов има царини од 30 проценти за увоз од Кина, вклучувајќи основна стапка од 10 проценти и 20 проценти за фентанил, што Вашингтон го воведе во февруари и март.
Кина одговори со деескалација, односно со намалување на царините за увоз од Соединетите Држави на 10 проценти.