Министерството за правда ќе консултира експерти во врска со ставањето на Упатството за изборите вон сила
Премиерот Христијан Мицкоски денеска (12 август) изјави дека претставници од Министерството за правда ќе имаат средба со некои од правните експерти кои тврдат дека не може со упатство на ДИК да се регулира учество на независни кандидати на избори, како и оти потоа ќе се преземат соодветни чекори, кои, како што, истакна ќе бидат во рамки на законите.
„Министерството за правда ќе има состанок со дел од тие експерти чекаме да видиме што мислат и да повлечеме таков потег, инаку ќе се постапи секако според закон. Нема да се постапува надвор од закон“, дециден е македонскиот премиер во одговор на новинарско прашање околу тоа дали ќе се направи обид за донесување законско решение, по тврдењата на одредени прави екеперти дека не може ДИК со упатство да регулира учество на независните кандидати на локалните избори.
Вчера премиерот Мицкоски истакна дека ставањето вон сила на Упатството на ДИК од 2024 година за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите согласно Изборниот законик, не го нарушува изборниот процес за локалните избори.
ДИК, истакна тој, има законска обврска да донесе ново. Какво ќе биде тоа, рече Мицкоски, зависи од самата Комисија.
Тој рече дека новиот изборен законик е подготвен и оти неколку месеци е во собраниска процедура, блокиран од една опозициска партија поради барање членот во ДИК кој е од нивните редови да става вето на одлуката на комисијата и на Општинските избирачки одбори.
„Со други зборови не сакаат да се донесе овој изборен законик. Но, доколку постои политичка волја, ние како владина коалиција сме апсолутно подготвени утре да се стави оваа точка на дневен ред и да се заврши со тоа“, изјави вчера премиерот Мицкоски.
ДИК на седницата во саботата усвои заклучок да се става вон сила Упатството на ДИК од 2024 за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите согласно Изборниот законик.
Како што рече претседателот на ДИК Борис Кондарко, тоа упатство за регулирање на постапката за собирање потписи се става вон сила поради одлуката на Уставниот суд со која се укинати членови 61 и 62 од Изборниот законик каде што е предвиден број/процент на потписи за предлагање листи на група избирачи.