Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска, денеска беше во Основното јавно обвинителство во врска со кривичната пријава поднесена против неа. Распитот траеше околу еден час, по што Ивановска изјави дека била повикана во Обвинителството поради кривична пријава за несовесно работење на предмет додека била претседателка на Антикорупциска комисија. Таа не кажа за кој предмет е пријавата и кој ја поднел за да не ја попречува на работата на Обвинителство. „Обвинета сум дека наводно начинот на кој сме ги отворале предметите во ДКСК и споделувањето на информациите во јавноста бил спорен за пријавителот. На средбата со обвинителката појаснив на кој начин ДКСК ги оформува предметите“, изјави Ивановска по распитот во Обвинителството. Антикорупциска комисија носи одлуки со мнозинство од гласовите на членовите, а претседателот на комисијата ги потпишува одлуките. Пријавата против Ивановска е затоа што таа е потписник на конкретната одлука, како тогашна претседателка на ДКСК. Во конкретниот случај бил отворен предмет по сопствена иницијатива на член на ДКСК. Предметот се работел, бил завршен без натамошни сомнежи, но за пријавувачот бил спорен начинот на кој ДКСК комуницирала со јавноста. Во однос на поканата која полиција ја бараше да и ја достави дома во истиот ден кога ја објави кандидатурата за градоначалник на Општина Центар, Ивановска рече дека „мислењето на јавноста за ефикасноста на јавнот обвинителство е такво, какво што е и тоа остава простори за сомнежи, не кај мене, туку општо кај граѓанството“.
Прашана дали останува сомнежот дека има поврзаност со нејзината изборна кандидатура, Ивановска рече дека „не сака да верува во тоа“ и дека само кажала што и се случило. Билјана Ивановска е поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК). По завршувањето на мандатот, Ивановска одлучи да се вклучи во политиката и се кандидираше како независен кандидат за градоначалничката позиција на општина Центар. Кандидатурата ја најави на 18 август кога го презентираше својот план за развој и подобрување на општината, поддржана од иницијативата „Независни заедно“ која се амбицира да стане политичка партија преку собирање на потписи. На денот на официјализирањето на кандидатурата, во вечерните часови, Министерството за внатрешни работи ја побара Ивановска дома да и ја достави кривичната пријава навестувајќи можни правни предизвици во нејзината кампања за градоначалничка функција. Но, не ја пронајде дома. Таа на социјалните мрежи информираше дека била повикана на распит во Обвинителството по кривична пријава поднесена против нејзе во фебруари годинава. Од таму рекоа дека поканата до МВР ја испратиле на 25 јули, а временскиот период на достава се совпаднал токму со денот на објавувањето на нејзината трка. Ивановска тој потег го оцени како политички притисок врз нејзе поради влезот во изборната трка. Таа денеска дојде и даде исказ во Обвинителството, откако ја одби понудата на обвинителката која го води случајот Адела Бојчевиќ, која и понудила можност распитот да се одлижи после изборите, за поканата да не ја протолкува како притисок во текот на изборната кампања.