Израел соопшти дека повеќе од 250.000 жители го напуштиле градот Газа
Израелската војска соопшти дека повеќе од 250.000 луѓе избегале од Газа во други делови од палестинската територија во последните недели, бидејќи Израел ги засили нападите врз најголемиот урбан центар во Газа.
„Според проценките на израелската војска, повеќе од четвртина милион жители на Газа избегале од градот за своја безбедност“, изјави портпаролот на израелската војска, Авичај Адрае, за платформата X.
Обединетите нации проценуваат дека околу еден милион Палестинци живеат во и околу Газа.
На 13 септември, израелската војска од воздух фрли летоци со кои ги повикува жителите на западните области да се евакуираат, додека агенцијата за цивилна одбрана на Газа објави континуирани напади.
„Израелската војска работи со голем интензитет во вашата област и е посветена на уништување и пораз на Хамас (палестинска група која се смета за терористичка организација од страна на САД и Европската Унија)“, се вели во летокот.
Израел, кој најави операција за преземање целосна контрола врз градот Газа, се соочува со меѓународен притисок да се откаже од планот. Но, земјата вели дека е решена да го уништи Хамас и вели дека градот Газа е едно од последните упоришта на палестинската група.
ОН и меѓународната заедница предупредија дека израелската офанзива дополнително ќе ја влоши веќе тешката хуманитарна ситуација во градот Газа, каде што Обединетите нации прогласија состојба на глад.
Според Агенцијата за цивилна заштита на Газа, најмалку пет лица се убиени во израелски напади од саботата наутро.
Денот претходно, најмалку 50 лица беа убиени низ Појасот Газа, според истата агенција.
Војната во Газа започна кога Хамас го нападна јужен Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и заробувајќи 251. Како резултат на израелската одмазда, повеќе од 64.000 Палестинци се убиени во Газа, според Министерството за здравство на Газа - бројки што Обединетите нации ги сметаат за веродостојни.