Ангелов останува на ставот дека пожарите се хибриден напад
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов останува на ставот дека негова перцепција е оти избувнувањето на пожарите не е случајност и оти се работи за хибриден напад на Владата.
„Од разговорот со сопствениците на „Ф Групација“, во чиј објект со електронски отпаден материјал во Трубарево вчера избува пожар, беше укажано оти настанување на пожар во ваков обем бара сериозен напор. Самозапалувањето не почнува со толку силен интензитет. Вчера во исто време имавме два пожари. Еве да претпоставиме едниот случајно да избил, но два пожари во исто време веќе не верувам дека се случајност“, рече Ангелов на денешната прес-конференција во Владата.
Како што рече, се започнало со Вардариште и кога тоа го средиле и престанала да гори дивата депонија, а чадењето било сведено на минимум и безмалку да го немало, се запалила Дрисла.
Ангелов додаде дека и при пожарот во Дрисла кога луѓето дошле на лице место по неколку минути линијата на пожарот била подолга од 50 метри, потенцирајќи, оти било невозможно, кога би станувало збор за самозапалување, тој да има таков обем и динамика. Тоа, вели, се случило и вчера.
Нагласува дека и многу од пожарите што се случија летово биле подметнати, и оти во одредени случаи нашле запалени гуми или палети кои мирисале на безнин.
„За повеќе пожари најдовме докази, иако тешко се обезбедуваат докази кои што би биле издржани на суд затоа што тие горат заедно со пожарот“, изјави денеска Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.