Краткотраен притвор за четворицата приведени за пожарот во Трубарево
Четворицата приведени за поврзаност со пожарот во фабриката во скопското село Трубарево добија краткотраен притвор од 48 часа.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на ОЈО – Скопје за определување краткотраен притвор за 4 лица, кои доцна синоќа беа спроведени во судот, а кои се поврзани со пожарот кој на 13.09.2025 година се случи во Трубарево – Скопје, донесе решенија со кои го прифати предлогот и на: В.М., З.С., М.Д. и Л.Д. им определи мерка притвор во траење од 48 часа“, соопшти денеска (15 септември)Основниот кривичен суд Скопје.
Поради основано сомнение дека со заеднички дејствија учествувале во извршување на кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 4 лица за кои од судија на претходна постапка вечерва ќе побара определување мерка краткотраен 48-часовен притвор за обезбедување докази.
Во големиот пожар гореше oпасен отпад од литиумски батерии, електронски и електричен отпаден материјал во рециклажниот центар „Ф групација“.
„Нивните конкретни дејствија се испитуваат, но станува збор за 56-годишен управител и сопственик на 2 правни лица, 22-годишна управителка на трето правно лице, 42-годишник во својство раководител на подружница и еден 59-годишник вработен во правно лице. Се испитува потенцијална одговорност и на други лица“, соопштија претходно од Обвинителството.
Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) синоќа информираа дека од опожарениот простор во Трубарево има слабо чадење од само неколку места кои веќе се затрупани и додадоа дека се фрла специјална пена врз песочната покривка за целосно сопирање на чадењето.
Четири лица беа повредени во пожарот во Трубарево, а на Клиниката за токсикологија е хоспитализирана жителка на селото која живее во непосредна близина на пожарот и која имала вртоглавица и кашлица. Повредени се и еден полицаец, припадник на АРМ и директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Мухамд Али, но тие биле амбулантски прегледани и се пуштени на домашно лекување.
Селото Трубарево се наоѓа на 10 километри источно од центарот на Скопје на регионалниот пат Скопје-Велес.