Добавить новость
smi24.net
World News in Macedonian
Сентябрь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30

Судот во Стразбур последна шанса за заштита на граѓаните од загадување

0

„Тешко ми е да сфатам како плодно земјиште може да се претвори во депонија, наместо да се користи за садење или рекреација.“
Ова се зборовите на Ангела Тасевска - биолог од Струга, која во разговоро за Радио Слободна Европа ни раскажа дека во детството се гордееле со чистотата на околината на градот и Охридското Езеро.
Денес состојбата во Струга е сосема поинаква, вели таа - депонијата лоцирана на неколку стотина метри од домовите во градот, веќе не е само место каде се одлага отпадот, туку е сериозна закана за здравјето на граѓаните и за целиот екосистем.
„Од биолошка гледна точка, токсичните испарувања, чадот од запалените трски и други пожари создаваат сериозни ризици за дишењето, особено кај децата и постарите. Навечер понекогаш е невозможно да се отвори прозор, додека порано Струга се гордееше со чист воздух“, вели Тасевска.
Струга е дел од охридскиот регион кој е заштитен под УНЕСКО поради своето природно и културно наследство.
Но, иронично, токму во вакво светски признато подрачје, со години опстојува депонија која загадува и го загрозува здравјето на граѓаните.
Депонијата во Струга со децении е извор на загадување. Без стандарди за заштита на животната средина и без контрола, загадувањето се случува во континуитет.
Отпадот во неа често е запален, а чадот и токсичните испарувања го гушат градот и го загадуваат воздухот.
Секакви материи од ралични видови отпад се разлеваат во почвата и подземните води, создавајќи постојана закана и за екосистемот и за здравјето на граѓаните.
А наместо решенија, граѓаните со години од институциите добиваат само молк, па битката за овој случај сега стигна пред Меѓународниот суд во Стразбур.
Молкот на институциите ја носи Струга до Стразбур
Случајот за загадувањето од струшката депонија стигна до Стразбур, откако Македонското здружение на млади правници (МЗМП) поднесе тужба против институциите кои се надлежни да управуваат со отпадот согласно законите на Северна Македонија.
Тоа се Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Општина Струга и Јавното претпријатие Комунално – Струга.
Тужбата стигна до меѓународниот суд откако домашните судови – и Основниот во Струга и Апелациониот во Битола – се прогласија за ненадлежни за случајот.
Македонското здружение на млади правници ја поднесе тужбата против овие институции, сметајќи дека сите три имаат одговорност за состојбата со нестандизираната депонија.

Министерството, меѓу другото, е надлежно да издава дозволи и да пропишува услови за депонии, Општината да управува со комуналниот отпад и да затвора диви депонии, а Јавното претпријатие да го собира и транспортира отпадот, велат од Македонското здружение на млади правници.
Според здружението, институциите со години не ги исполнувале своите законски обврски – Општина Струга немала донесено локални акциски планови за животна средина (ЛЕАП) последните пет години, Министерството и Општината не презеле мерки за санација, а ЈП „Комунално“ имало дозвола за транспорт на отпад само до 2020 година.
Одговори побаравме од сите институции, но реагираше само ЈП „Комунално“, кое кусо порача дека одржувањето на депонијата е во надлежност на Општината и дека нивната дозвола е продолжена до ноември 2025 година.
Ненадлежни судови
Адвокатите на Македонското здружение на млади правници бараат судовите во земјава да утврдат, не само дека депонијата ја загадува животната средина, туку дека на граѓаните им е повредено правото на живот, правото на здрава животна средина, правото на приватност и личен семеен живот и правото на неповредливост на домот поради неправилното управување со отпад.
Но, судовите во земјава ја отфрлија иницијативата со образложение дека тужбата не била насочена кон утврдување на конкретно право или правен однос, туку кон констатирање факти, за што немале надлежност, велат од МЗПМ.
И додека граѓаните немоќно чекаат системот да го заштити јавното здравје и животната средина, депониите во земјава растат, вклучително и струшката депонија која е лоцирана на неколку стотини метри од куќите во Струга и на два километри од Охридското Езеро.
И Валентина Јовановска Филиповска исто така биолог која е родена и живее во Струга, во разговор за Радио Слободна Европа прашува:
„Зошто плодното поле во Струга е избрано место на одлагање на отпад?“
„Кој одлучил на таков начин да ја запечати иднината на струшкото поле чиј еколошки и економски потенцијал не треба да е тема на никакво наддавање или избирање на помало зло. Кој одлучил во име на граѓаните да им го одземе правото на здрава животна средина и благодатите на полето кое со векови ја хранело заедницата“.
Здравјето на граѓаните жртвувано на сметка на отпадот
За ефектите врз здравјето од загадувањето, Јовановска Филиповска тврди дека скоро сите граѓани во Струга познаваат или имаат по некој близок болен од карцином.
Или еве едно друго прашање, вели таа:
„Колку од младите брачни парови кои сакаат да добијат потомство знаат дека ефектите од депониското загадување придонесуваат за стерилитет, црвени бремености, аномалија на плод или абортус?“, прашува таа.
„Листата на болести предизвикана од загадување прилично долга. Значи тука би ги вклучиле и кардиоваскуларните болести, респираторните болести, болести на крв“, вели Јовановска Филиповска.
Стразбур како надеж за правен преседан
Но, сега единствената надеж е Европскиот суд за човекови права. Доколку судиите во Стразбур одлучат дека македонските судови мора да постапуваат по вакви случаи, тоа ќе создаде правен преседан.
Европскиот суд за човекови права веќе го прифати предметот, откако биле исполнети административните предуслови, а сега судиите треба да ја оценат и суштината на случајот за да одлучат дали ќе продолжат со целосно процесирање.
Ако судиите во Стразбур одлучат дека се прекршени правата кои невладината МЗМП ги наведуваат во апликацијата – ќе се добие основа постапката да биде повторена пред македонските судови.
Сето тоа потоа ќе отвори шанса за создавање на преседан во македонското правосудство. Тоа ќе значи дека Меѓународниот суд прво ќе препорача домашните судови да работат на случаи за загрозување на животната средина, а потоа и општините ќе треба да ги уредуваат депониите според закон, наместо отпадот да завршува во илегални сметишта.
„Иако е рано да се каже, сепак ако добиеме позитивна пресуда во Стразбур ќе се воспостави преседан и на домашно ниво, бидејќи ние имаме и проблем да го надминеме тој прв филтер дали воопшто судовите се надлежни да одлучуваат по вакво прашање. Ако тоа се надмине и ако нашата тужба на крајот биде успешна, тоа ќе значи дека посредно и општините ќе добијат сигнал дека мора сериозно да ги земат предвид нивните обврски во однос на депонирањето на отпад“, вели за РСЕ Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници (МЗМП).
Тужбата во македонските судови беше поднесена во 2021 година, а во мај 2025 беше поднесена апликацијата до Европскиот суд за човекови права во Стразбур кој на крајот на август ја прифати.
„Не баравме само судовите да утврдат дека се загадува животната средина, туку дека овие права се повредени како резултат на неправилното управување со отпад и непреземањето мерки за спроведување на законските надлежности во оваа област“, вели Трпевски.
Ова беше прв случај за правна заштита поради загадување на животната средина во кој Македонското здружение на млади правници бараше судот да утврди кој загадува, а кој е оштетен.















Музыкальные новости






















СМИ24.net — правдивые новости, непрерывно 24/7 на русском языке с ежеминутным обновлением *