„Инфлација од алчност“ - цените растат и кога нема криза
Животот за македонските граѓани останува неподносливо скап. Инфлацијата е висока и без нови енергетски шокови, а сè повеќе луѓе се принудени да бараат дополнителна заработка само за да го поминат месецот.
Еден од нив е 43-годишниот Никола Ф. од Скопје, кој ни раскажа дека неодамна почнал да работи и втора работа за да може да ги покрие основните трошоци на своето семејство.
„Живеачката не поскапе, туку поскапува постојано со брзо темпо. Нема артикл или услуга која не е поскапена. Последниве четири години се отиде на дупло“, вели тој за Радио Слободна Европа.
„До толку стана безобразно скапо и неподносливо, што јас после речиси 20 години работен стаж, се решив да работам и во втора смена – вкупно по 13 часа дневно. Со две просечни македонски плати нема шанси да се истурка месецот. Да не зборуваме за нешто плус, за уживање или задоволство – 180 денари е сега едно мало пиво во кафиќ. Ужас!“, вели Никола.
Колку поскапел животот во последните четири години покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија, според кои синдикалната минимална кошничка за четиричлено семејство е зголемена за речиси 86 проценти.
Од околу 35.000 денари во декември 2021 година, минималната кошничка се зголемила на повеќе од 65.000 денари во септември 2025 година. Само во последните две години зголемувањето е 40 отсто, покажуваат податоците.
„Greedflation“ – инфлација поради алчност“
Главната причина зошто цените во маркетите не се намалија со стабилизирањето на цените на енергенсите, според економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Институтот за економски истражувања во Виена, не се трошоците за труд или енергија, туку профитите на компаниите, особено во трговијата со основни производи.
„Може да се направи проценка колку од инфлацијата доаѓа од профитите, а колку од платите, но само ретроактивно, кога ќе се објават податоците за фирмите. Вакви анализи во ЕУ покажуваат дека инфлацијата од 2022 и 2023 беше предизвикана од профитите, поради што и се појави терминот „greedflation“ – инфлација поради алчност“, вели тој.
„За мене нема дилема дека истото се случува и во Македонија. Последниот бран поскапувања почна во мај и јуни, веднаш по укинувањето на замрзнатите цени. Платите тогаш речиси и не се зголемија, но профитите – да,“ објаснува Јовановиќ.
Мицкоски - Ограничување на маржите нема ефект
Владата оценува дека тековната инфлација е последица на зголемувањето на платите и пензиите, кои ја поттикнуваат побарувачката, како и на засилената кредитна активност, како што изјави неодамна премиерот Христијан Мицкоски.
Главен двигател се цените на услугите, а не храната и енергенсите, рече тој во август и најави сеопфатни мерки за трајно решавање на проблемот, меѓу кои и ограничување на државната потрошувачка и можни мерки на Народната банка за поскапување на кредитите, бидејќи според него ограничување на маржите не дава ефект.
Од опозицијата, пак, обвинуваат дека Владата нема стратегија за справување со високите цени и дека товарот на инфлацијата повторно паѓа врз граѓаните.
Последните владини мерки со кои беа замрзнати дел од цените на основните производи важеа до април годинава. Оттогаш, државата нема активни мерки за ограничување на цените, па пазарот повторно е препуштен на трговците и слободното формирање на цени.
Тврдењата дека инфлацијата е поттикната од прекумерни профити, а не од реални трошоци, ги потврдуваат и постапките што оваа година ги отвори Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) против четири поголеми трговски синџири.
Случајот е за сомневање дека Веро, Тинекс, Кам и Рептил склучиле забранет договор за влијание врз цените и со тоа го нарушиле пазарното натпреварување.
Намалување на куповната моќ
Според податоците на ССМ, најголем раст на цените во четири години има кај категоријата „Култура и рекреација“, каде трошоците се зголемени за повеќе од четирипати – над 423 отсто.
Веднаш потоа следува категоријата „Облека и обувки“ со раст од над 160 отсто, храната и пијалаците поскапеле за 55 отсто, транспортот за 79 отсто, додека најмал раст бележи хигиената — помалку од 10 проценти.
И додека цените постојано растат, платите и пензиите не го следат тој тренд, што значи дека реалната куповна моќ на граѓаните сè повеќе се намалува.
Во периодот декември 2021 – септември 2025 минималната плата пораснала за околу 60 проценти, од 15.194 на 24.379 денари, а просечната плата за околу 51 процент, од 29.943 на 45.276 денари.
Сличен тренд се забележува и кај пензиите. Просечната пензија е зголемена за 64,7 проценти, од 15.876 денари во декември 2021 на 26.155 денари во септември 2025 година, според податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ).
„И покрај овие зголемувања, растот на платите и пензиите е значително помал од порастот на трошоците за живот, што покажува дека пензионерите и вработените подеднакво го чувствуваат товарот на инфлацијата“, вели за РСЕ Слободан Трендафилов од Сојузот на синдикати на Македонија.
Светска банка - висока базична инфлација
Според Државниот завод за статистика (ДЗС), годишната инфлација во Северна Македонија, мерена преку индексот на трошоците на животот (ИТЖ), во септември 2025 година изнесува 4.1 отсто во однос на истиот месец претходната година.
Светска банка известува дека инфлацијата во земјата забрзала по март 2025 година, достигнувајќи 4.8 проценти до јули 2025 година.
Северна Македонија во јули, заедно со Србија каде имало исто ниво на инфлација (4.8), според Светска банка се соочуваат со највисоки инфлаторни стапки, а главниот проблем во земјава според организацијата е базичната инфлација.
Слично е во Црна Гора и Косово и БиХ, додека исклучок е Албанија која според Светската банка бележи најниска инфлација од 2.5 отсто во јули 2025 година, главно бидејќи домашните ценовни притисоци биле компензирани од зајакната национална валута Лек.
Светска банка во редовниот економски извештај за Западен Балкан вели дека базичната инфлација е најголемиот показател за вкоренетата инфлацијата во Северна Македонија, односно дека ценовниот притисок се пренел во сектортот на услуги, каде што трошоците за работна сила се значителен дел од вкупните трошоци.
Просечните бруто плати пораснале за 5.9 отсто во првата половина на 2025 година, но тоа не го зголемило реалниот единечен трошок на работна сила, велат од Светска банка.
„Генерално, постојаниот јаз помеѓу растот на платите и продуктивноста ги нагласува зголемените притисоци врз регионалната конкурентност и ја истакнува потребата од политики што подобро ќе ја усогласат динамиката на платите со подобрувањата на продуктивноста. “, велат од Светска банка.
Платите на една третина од европскиот просек
Но, Јовановиќ смета дека толкуваното предупредување на Светска банка за јазот меѓу продуктивноста и платите е погрешно насочено.
Тој вели дека јазот навистина постои, но не затоа што платите растат пребрзо, туку затоа што продуктивноста на македонските работници е далеку поголема од нивните примања.
„Нашата анализа покажа дека продуктивноста во Македонија изнесува околу 53 отсто од просекот во ЕУ, додека платите се само 33 отсто. Тоа значи дека платите треба да растат побрзо, а не обратно,“ вели тој.
Според него, кога цените во земјава достигнуваат 60 отсто од европскиот просек, а платите остануваат на третина, барањата за нивна стагнација би воделе само кон уште поголема сиромаштија.
Трендафилов вели и покрај растот на платите и пензиите, реалниот животен стандард во земјава се влошува бидејќи цените и основните трошоци растат побрзо од приходите.