Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ќе почне на 19 ноември
Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ќе почне на 19 ноември годинава во судницата во КПУ Идризово, соопшти Основниот кривичен суд - Скопје.
Веднаш оваа вест, родителите на загинатите во пожарот во Кочани објавија дека ќе ги стават во мирување секојдневните едночасовни блокади на една од сообраќајниците во градот, но и понатаму ќе продолжат со „Маршот за ангелите“ што се одржува секоја сабота.
Родителите и семејствата на загинатите во пожарот наведуваат дека со големо внимание ќе го следат судењето кое очекуваат да биде фер, транспарентно и непристрасно и во кое, како што додаваат, треба да биде судење за човечноста, совеста и одговорноста.
„Ние, родителите и семејствата на починатите деца, соопштуваме дека со големо внимание ќе го следиме судскиот процес, со единствена цел – да се открие вистината и да се обезбеди правдата за младите животи што беа изгубени во трагедијата што засекогаш го промени нашето општество“, се вели во соопштението од родителите.
Предметот првично беше поднесен од Основното јавно обвинителство Кочани, а потоа со решение на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, префрлен во надлежност на Скопското обвинителство.
Обвинителниот акт е целосно одобрен и распределен преку АКМИС системот кај судијката Дијана Груевска Илиевска.
Поради законски ограничувања и лично познанство со дел од оштетените, од постапувањето по предметот се изземени судијките Тамара Витларова – Смилевска и Илина Смичковска – Илиевска. Како втор член на судечкиот совет, согласно измените во годишниот распоред, ќе постапува судијата Ахмед Идризи.
Заради ефикасност и економичност, судот има закажано повеќе термини за главна расправа: 25 и 26 ноември, како и 2, 4, 10 и 11 декември 2025 година. Дополнителни термини ќе бидат утврдени по започнувањето на расправата.
Трагедијата во Кочани се случи за време на настап на музичката група ДНК, кога искри од пиротехниката го потпалиле таванот во дискотеката, огнот брзо се проширил, а паниката и тесниот излез од објектот предизвикале и стампедо.
Според обвинението, објектот не ги исполнувал ниту минимално техничките услови за вршење угостителска дејност, немал одобрение за реконструкција, немал основен проект за реконструкција и елаборати како и посебен елаборат за заштита од пожари, експлозии и опасни материи, а не бил изработен и план и процена за заштита и спасување.
Сспоред проценките на обвинителството, ноќта кога се случил пожарот во „Пулс“ имало над 500 лица.
За најголемата трагедија што се случила во Северна Македонија на обвинителна клупа ќе седнат 34 лица, а обвинети се и три фирми. Меѓу нив, поранешни министри за економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), градоначалници на Кочани, инспектори, одговорни лица во фирмите кои раководеле со ноќниот клуб.
За случајот со „Пулс“ на 5 септември, обвинителството поднесе уште еден обвинителен акт против сопственикот на фирмата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев.
И тој се гони за тешки дела против општата сигурност бидејќи, според обвинителството, тој има особен придонес во пропустите за „Пулс“ односно „не постапил според прописите и техничките правила за мерките за заштита и со тоа предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, како и имотот од големи размери“.
Уште еден предмет, пак, водат обвинителите и истражителите од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела, сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. Под истрага се десет полицајци кои се товарат дека од 2012 до 2022 година издавале согласности и му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност, иако истото не ги исполнувало предвидените услови.
Во пожарот во „Пулс“, ноќта помеѓу 15 и 16 март, загинаа 63 лица и над 200 беа повредени. Пред два дена почина музичарот Владимир Блажев – Панчо, од дуото ДНК, кој беше тешко повреден во трагедијата. Тој почина по речиси седум месеци лекување во приватна болница.