Учениците ќе учат што се даноци и зошто се важни
Учениците во Северна Македонија ќе се едуцираат за даноците, за што денеска, 17 октомври, Министерството за образование и наука (МОН) и Управата за јавни приходи (УЈП) потпишаа Меморандум за соработка.
Станува збор за заеднички проект „Фискална едукација“, кој ќе се имплементира и во основните и во средните училишта.
Како што беше соопштено по потпишувањето на Меморандумот, фокус на проектот е младите генерации да научат: што се даноци и зошто се важни, како функционира УЈП, како се пресметува, пријавува и плаќа данок, кои се граѓанските обврски и права поврзани со јавните приходи и кои се придобивките од одговорно и навремено исполнување на даночните обврски.
Проектот ќе се имплементира преку организирани предавања, интерактивни работилници, симулации, натпревари, како и посети на УЈП.
Според министерката за образование и наука, Весна Јаневска, преку овој проект, образованието се поврзува со реалниот живот, а учениците се подготвуваат да бидат активни и информирани учесници во општеството.
Таа го потпиша Меморандумот со директорката на УЈП, Елена Петрова, која посочи дека фискалната едукација е стратешка инвестиција во иднината бидејќи се гради фискално писмена и одговорна генерација граѓани.
Целта на проектот е да се поттикне развој на даночна култура заснована на знаење, свест и лична одговорност. Од УЈП посочија дека на овој начин сакаат да изградат идни генерации граѓани кои разбираат како функционира државата и граѓани кои активно придонесуваат за нејзината стабилност, правичност и развој.