Меѓународен суд на правдата: Израел мора да дозволи влез на помошта на ОН во Газа
Највисокото правно тело на Обединетите нации, Меѓународниот суд на правдата (МСП), во средата донесе советодавно мислење според кое Израел има обврска да обезбеди задоволување на основните потреби на цивилното население во Газа – објави Ројтерс.
Вкупно 11 судии, додадоа дека Израел мора да ги поддржи хуманитарните напори на Обединетите нации во Појасот Газа, вклучително и на УНРВА – Агенцијата за помош и работа на ОН за палестинските бегалци на Блискиот Исток.
„Како окупациска сила, Израел е должен да обезбеди основни потреби за локалното население, вклучувајќи ги и залихите неопходни за нивниот опстанок“, изјави судијата Јуџи Ивасава. Тој додаде дека основните потреби вклучуваат храна, вода, засолниште, гориво и медицински услуги.
Советодавните мислења на МСП имаат правна и политичка тежина, но не се обврзувачки и судот нема моќ за спроведување на одлуките.
Израел го одбива мислењето
Мислењето, кое беше побарано од Генералното собрание на ОН во декември, разјаснува каква заштита државите мора да обезбедат за персоналот на ОН, и се очекува да има пошироки импликации од конфликтот во Газа.
Во објава на мрежата ИКС (X), израелското министерство за надворешни работи соопшти дека целосно ги отфрла наодите на судот и додаде:
„Израел целосно ги почитува своите обврски според меѓународното право.“
Израел ѝ забрани на УНРВА да работи во Газа минатата година, тврдејќи дека дел од нејзините вработени се членови на Хамас или на поврзани организации.
Министерството соопшти дека ОН сè уште нема целосно истражено колку длабока е вмешаноста на Хамас во УНРВА и изјави дека Израел нема да соработува со организација „инфицирана со терористички активности."
Сепак, судиите на МСП во средата утврдија дека Израел не ги поткрепил своите тврдења дека значителен број вработени во УНРВА се членови на Хамас.
Во април оваа година, адвокати на ОН и палестински претставници го обвинија Израел пред МСП дека го прекршува меѓународното право со тоа што одбивал да дозволи влез на хуманитарната помош во Газа од март до мај – период во кој Израел целосно ги прекина сите испораки, обвинувајќи ги борците на Хамас дека ја крадат помошта.
Оттогаш, дозволена е ограничена хуманитарна помош, но ОН изјави дека тоа е далеку од доволно за ублажување на хуманитарната катастрофа која веќе премина во глад. Примирјето договорено овој месец предвидува 600 камиони дневно со помош, но ОН изјави дека досега влегуваат далеку помалку.
Советодавното мислење на МСП утврди дека Палестинците во Газа не се соодветно снабдени и нагласи дека Израел не смее да го користи гладот како оружје.
Адвокатот Пол Рајхлер, кој ги застапува Палестинците, изјави:
„Од една страна, судот утврди дека гладот како метод на војување е незаконски, а од друга – дека Израел намерно ја спречил испораката на храна до цивилното население во Газа.“
УНРВА, која им обезбедува образование, здравство и помош на милиони Палестинци, има повеќе од 30.000 вработени.
ОН изјавија во август 2024 година дека девет вработени во УНРВА можеби биле вмешани во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 и биле отпуштени. Израел тврди дека друг вработен во УНРВА, убиен во октомври 2024 во Газа, бил исто така командант на Хамас.
Во претходно советодавно мислење во 2024 година, МСП утврди дека окупацијата на палестинските територии од страна на Израел е незаконска и треба веднаш да престане. Судот исто така изјави дека Израел има обврски за заштита на човековите права на Палестинците поради неговиот статус на окупаторска сила.