Почна судењето за пожарот во „Пулс“ во Кочани
Обвинети, адвокати, обвинители, роднини на загинатите, новинари, утрото на 19 ноември ја преполнија судницата во Идризово за првото рочиште од судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Во судница дојдоа и дел од повредените, а некои од роднините носат маици со фотографии од загинатите. Стартот на судењето го следат и бројни новинарски екипи, меѓу кои и медиуми од странство.
Обвинети се 34 физички лица и три фирми. Станува збор за обемен предмет, не само по бројот на бранители туку и по временскиот период што го опфаѓа – последните 13 години.
Судскиот процес започнува по околу осум месеци од трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Семејствата на загинатите секоја сабота организираа „Марш за ангелите“ низ Кочани барајќи правда. Во пресрет на судењето, маршираа и во Скопје каде добија поддршка од илјадници граѓани.
Трагедијата во Кочани се случи ноќта помеѓу 15 и 16 март, за време на настап на музичката група ДНК - искри од пиротехниката го потпалиле таванот во дискотеката, огнот брзо се проширил, а паниката и тесниот излез од објектот предизвикале и стампедо.
Според обвинението, објектот не ги исполнувал ниту минимално техничките услови за вршење угостителска дејност, немал одобрение за реконструкција, немал основен проект за реконструкција и елаборати како и посебен елаборат за заштита од пожари, експлозии и опасни материи, а не бил изработен и план и процена за заштита и спасување.
Меѓу 34-цата обвинети, тројца се одговорни лица, сопственици и управители на фирмата КЛАСИК ДМ – Кочани со подружница Кабаре ПУЛС и фирмата ММММ КАФЕ – Кочани, кои вршеле угостителска дејност во кобниот објект од декември 2012 година. Меѓу обвинетите е и братот на сопственикот на дискотеката кој, според обвинителството, бил одговорен за продажба на билети и контрола на бројот на гости и нивната возраст.
Во „Пулс“, кобната ноќ според проценките на обвинителството имало над 500 лица.
Со статус обвинети се и тројца поранешни градоначалници на Кочани. Љупчо Папазов (ВМРО-ДПМНЕ), кој беше на функцијата во моментот на трагедијата, како и неговите претходници Николчо Илијев (СДСМ) и Ратко Димитровски (ВМРО-ДПМНЕ). Според обвинителството, тие знаеле дека во градот постои ноќниот клуб „Пулс“, но не преземале ништо односно локалот не бил впишан во регистарот на општината согласно Законот за угостителска дејност. Тие, како што тврди обвинителството, овозможиле локалот да работи и сопственикот да си плаќа надоместок за вршење угостителска дејност – кабаре.
Крешник Бектеши и Ваљон Сарачини, како поранешни министри за економија, исто така, се опфатени со обвинението. На списокот се и еден државен секретар и петмина службеници од Министерството за економија кое е надлежно за издавање лиценци за ноќните клубови.
Обвинет е и актуелниот министер без ресор во Владата, Шабан Салиу, кој се гони како поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, заедно со уште тројца други бивши директори, но и еден генерален инспектор кој бил раководител на инспекциска служба во ДЗС.
Се гонат и локални инспектори, како што се на пример, тројца градежни инспектори од Општина Кочани, членови на обезбедувањето…
Судскиот процес за Кочани го води судијката Дијана Груевска-Илиевска од скопскиот кривичен суд, која меѓу последните познати предмети, го судеше случајот со автобуската несреќа на „Дурмо Турс“ во Ласкарци во 2019 година, кога загинаа 16 лица.
Предметот, според одлука на Врховниот суд, беше доделен на Основниот кривичен суд Скопје бидејќи во судовите во Штип и Струмица нема доволен број судии од кривичната материја. Но, и затоа што Врховен сметаше дека во случајот треба да постапуваат „судии со стекнато искуство и познавање на кривичната материја кои ќе овозможат ефикасно, стручно и законито постапување, а воедно ќе придонесат за сензибилизирање на јавноста“.
