Република Српска: Каран победник според СНСД, СДС оспорува
Претседателот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), Милорад Додик, изјави дека на предвремените избори за претседател на Република Српска победил кандидатот на оваа партија, Синиша Каран.
„Добил 9.984 гласови повеќе, врз основа на она што досега е пребројано. Имаше ниска излезност. Народот не ги сакаше овие избори. Опозицијата ги извлече сите свои луѓе, нашите не, и тоа е поради бунтот. Кога ќе ги собереме гласовите од мобилните тимови и оние кои гласаа во отсуство, за Синиша Каран ќе има околу 12.500 гласови повеќе“, изјави Додик на прес-конференција во 22 часот со прелиминарните податоци.
Говорејќи за повиците од претставниците на опозициската Српска демократска странка, Додик изјави дека „Република Српска сега ќе се занимава со своето репозиционирање и ќе бара да ѝ бидат вратени сите надлежности од Дејтонскиот мировен договор“.
Тој додаде дека Синиша Каран ќе работи на тоа како професор по уставно право, а тој како претседател на партијата.
„Сега добија два Додика“, рече претседателот на СНСД.
Синиша Каран им се заблагодари на „претседателот Додик и српскиот народ“.
„Мирот и стабилноста се наш приоритет. Нека достоинствено го прифатат поразот. Народот им го порача тоа, а на институциите на Република Српска им даде нова сила да се бориме против оние што се борат против неа,“ изјави Каран.
СДС бара повторување на изборите во три града
Јовица Радуловиќ, вршител на должност претседател на Српската демократска партија, изјави дека не ги прифаќа наводите на Сојузот на независни социјалдемократи за изборна победа.
„Бројките што тие ги изнесоа не се ниту приближно точни. Ние не ги признаваме резултатите што тие ги објавија. Станува збор за неколку стотици гласови, но во корист на (кандидатот на СДС) Бранко Радуше“, рече Радуловиќ.
Тој истакна дека треба да се почекаат резултатите од мобилните тимови и од непотврдените гласачки ливчиња и додаде дека „повеќе од 20.000 луѓе од дијаспората се регистрирани за гласање по пошта“.
„Ова е почеток на политичкиот крај на Милорад Додик и СНСД. Овие избори не завршуваат вечерва, туку дури кога ќе се повторат во Добој, Зворник и Лакташи“, рече Радуловиќ и додаде дека „постојат видео-снимки од обиди за изборна измама“, како и дека ќе бара повторно броење и гласање во овие градови.
Гласачите во автономната Република Српска во Босна и Херцеговина, на 23 ноември излегоа на предвремени избори за нов претседател, распишани откако поранешниот претседател Милорад Додик беше разрешен од функцијата и доби забрана за вршење на јавни функции во период од шест години.
Регистрирани се 1,26 милиони избирачи, а кандидати се Драган Ѓокановиќ, Бранко Блануша, Синиша Каран, Никола Лазаревиќ, Игор Гашевиќ и Славко Драгиќевиќ.
