Добавить новость
smi24.net
World News in Macedonian
Февраль
2026
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28

ЕУ сѐ уште без одлука за возачите на камиони од Западен Балкан

0

Европската комисија (ЕК) во моментов не покажува подготвеност да ги задоволи барањата на професионалните возачи во врска со подолг престој во Шенген-зоната за нивните професионални потреби.

„Партнерите од Западен Балкан се охрабруваат да ги користат одредбите за долгорочни визи и дозволи за престој или флексибилноста предвидена според правилата на Шенген. Особено во однос на правилата за работници од други земји и сето ова во тесна соработка со соседните држави од Шенген“, изјави портаролот на Европската Комисија, Гијом Мерсие.

Шенгенските правила им дозволуваат на патниците максимален престој од 90 дена во кој било 180-дневен период во целата Шенген зона. Ова ги вклучува и државјаните на кои не им е потребна виза за влез. Периодот од 180 дена е таканаречен „ротационен“ прозор, што значи дека секој ден престој се брои 180 дена наназад за да се осигури дека ограничувањето од 90 дена не е надминато.

Од друга страна, правилата за прекуграничните работници во ЕУ, што вклучува живеење во една земја и работа во друга, со дневна или неделна пријава, се однесуваат на социјалното осигурување, оданочувањето и работните дозволи.

Принципот за прекуграничните работници е дека социјалното осигурување се плаќа во земјата каде што се извршува работата.

Минатата недела техничката група која ја формираа министрите од земјите членки на Европската Унија (ЕУ) ги разгледа барањата на транспортните оператори од Западен Балкан поврзани со нивниот престој во ЕУ, но одлука не е донесена, потврдија денеска од Европската Комисија на редовниот брифинг во Брисел.

Оттаму посочуваат дека разговорите за правилата во Шенген зоната ќе продолжат на следниот состанок закажан за 23 февруари.

Од македонското Министерство за транспорт денеска ги нарекоа шпекулации и непроверени информациите кои беа објавени викендов во дел од балканските медиуми дека Европската унија ги одбила сите предлози на балканските превозници.

Не е одбиен предлогот на транспортерите

Како што посочуваат од таму, заедно со ресорните министерства од соседните земји се во интензивна комуникација со Европската комисија за изнаоѓање на трајно решение.

„Би сакале да потенцираме дека е најавено одложување на примената на ЕЕС системот и дека активно сите чинители работат на решавање на овој проблем“, објавија од Министерството за транспорт.

И од Асоцијацијата на транспортери „Макам транс“ велат дека активно учествуваат во процесот со Европската комисија за решавање на проблемите.

Од Асоцијацијата велат дека на одржаниот состанок на работната група на 11 февруари, разговори се воделе со претставници на сите шест држави од Западен Балкан (вклучувајќи ги и и Албанија и Косово), со цел да се изнајде соодветно решение за преодниот период до целосно спроведување на новата Стратегија за визна либерализација.

Информираат и дека до следниот состанок на Работната група треба да ги завршат консултации во нивните држави кои ги претставуваат во рамките на Шенген зоната.

„Во дополнетата Стратегија за визна либерализација на ЕУ, за првпат се признава дека професионалниот возач е лице кое врши дејност и треба да биде третирано соодветно, односно да има можност за подолг престој од 90/180 дена, исто како екипажите во другите видови транспорт, “ рекоа од Асоцијацијата.

Посочуваат и дека испратиле дописи до амбасади на земји членки на Шенген зоната во земјава со барање за воспоставување услови за преодно решение до целосна имплементација на новата стратегија, согласно Спогодбата за асоцијација и стабилизација потпишана со ЕУ.

Правилата за влез и излез што ги наметнува Европската унија за прстојот на возачите предизвика револт и дома и во регуонот.

Повторно блокади?

Во неделното интервју за РСЕ, Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи кажа дека транспортерите веројатно повторно ќе треба да излезат на блокади неделава за да ги потсетат креаторите на политики во Европската унија дека проблемот не е решен.

„Без оглед на ветувањата и спорите бирократски процедури во Европската комисија и Европската унија, многу е незгодно кога во ова ниво на развој на демократијата, повторно некој од нашите граѓани ќе се чувствува дискриминиран во однос на ист таков граѓанин со истата професиоја од друга земја. А се стремиме кон еднаквост. Пораката која ја испраќа ЕУ со спороста на безбедносните политки во однос на граничното минување во овој момент не и оди во прилог на ЕУ на еднаквоста, различноста и односот. Особено не во насока на глобалниот пазар, конкурентност и економија“, изјави Бошков.

На 26 јануари, транспортери од Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина координирано ги блокираа граничните премини, барајќи од Европската унија да ги иземе од системот за контрола на влез и излез поради кој велат дека се соочуваат со економски штети и депортации.

Во Северна Македонија, блокадите траеја четири дена. На 29 јануари, превозниците објавија дека се повлекуваат откако Европската комисија одлучи да донесе нова стратегија за визи, која начелно требаше да даде решение на проблемот со кој се соочија професионалните возачи за престојот од 90 дена во рамки на 180-дневниот период дозволен престој во Шенген-зоната.

Нова стратегија на Европската комисија

Нова стратегија од Европската комисија значи дека во оваа фаза се уште нема конкретно решение, освен потврдувањето дека ова прашање ќе се разгледува и решава допрва.

Во Стратегијата се наведува дека институцијата ќе соработува тесно со земјите-членки за да најде „прагматични решенија“ за да овозможи продолжен краткорочен престој за одредени категории државјани од трети земји, а воедно да обезбеди безбедност и економски придобивки за Унијата, како и правна сигурност за патниците.

Електронскиот систем за влез и излез (ЕЕС) на ЕУ започна постепена примена од 12 октомври 2025 година, а целосната имплементација е предвидена до април годинава.

Системот е дигитална ИТ платформа што ги заменува рачните печати во пасошите со автоматска евиденција на границите на Шенген зоната. При влез/излез, собира биометриски податоци и автоматски ја пресметува дозволената должина на престој според правилото 90/180 – максимум 90 дена во секои 180 дена за не-ЕУ граѓани. За професионални камионџии од Македонија, Србија, БиХ и Црна Гора, ЕЕС создава сериозни пречки бидејќи ги третира како туристи, а не работници.















Музыкальные новости






















СМИ24.net — правдивые новости, непрерывно 24/7 на русском языке с ежеминутным обновлением *