Савески: Интересите на политичките партии не се мој интерес
„Го познавам обвинителскиот состав и верувам во обвинителите сигурен сум дека заедно со нив ќе ги задоволиме очекувањата на граѓаните“, изјави новиот државен јавен обвинител Ненад Савески. Тој денеска, 19 март даде свечена изјава во Собранието, а пред медиумите рече дека неговата работа ќе биде во согласност со Уставот, законите, ратификуваните меѓународни документи и меѓународните стандарди.
„Тоа за мене е една голема одговорност и во овој момент сакам да ги повикам сите јавни обвинители заедно со мене, кои и додека ја давам оваа изјава си ја работат својата работа. Нивната работа ниту почнува, ниту завршува со мене. Секој јавен обвинител има законска обврска да постапува по тековните предмети. Го познавам обвинителскиот состав и верувам во истите и заедно со нив сигурен сум дека ќе ги задоволиме очекувањата на граѓаните во чие име, Устав и закон постапуваме ние јавните обвинители, изјави Савески.
Новиот државен обвинител рече дека очекувал поширока поддршка, но додаде дека интересите на политичките партии не се предмет на негов интерес „ниту вчера, ниту денес, ниту во иднина“.
Собранието вчера го избра јавниот обвинител Савески со 66 гласа „за“, двајца „против“ и осум „воздржани“.
Савески ќе биде деветти републички обвинител на Македонија од независноста во 1991 и 19-ти од 1945 година. Неговиот избор следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски.
Мандатот на државниот обвинител е шест години, со право на повторен избор.
Савески, кој досега беше судија во Основниот кривичен суд - Скопје, за државен јавен обвинител беше номиниран од Владата на 10 март.
На огласот што беше распишан за негов наследник, покрај Савески се пријавија уште четворица кандидати: в.д. шефицата Анита Тополова-Исајловска, обвинителките Ленче Ристовска и Лидија Раичевиќ, како и разрешениот судија Владимир Панчевски. Сите, освен Панчевски добија позитивно мислење од Советот на јавни обвинители.
