Филипче ја осудува злоупотребата при вакцинацијата, ВМРО-ДПМНЕ бара оставка
![Филипче ја осудува злоупотребата при вакцинацијата, ВМРО-ДПМНЕ бара оставка](https://gdb.rferl.org/dc2549ef-06d8-48c5-93b6-d132a3213fa9_w800_h450.jpg)
Министерот за здравство Венко Филипче ја осуди злоупотребата на процесот на вакцинирање, откако излезе вест во дел медиуми, дека се вакцинирал и секретар на болницата во Охрид, правник по професија.
Секој што ја злоупотребил својата позиција или контакт ќе биде соодветно санкциониран, изјави синоќа Филипче.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат оставки за пропустите при вакцинацијата. Од опозициската партија велат дека Филипче е единствениот виновен за злоупотребата на вакцинацијата.
„Доколку Филипче не може да се снајде со 4000 вакцини, како ќе се снајде со 400.000 вакцини?! Одговорност веднаш! Оставка сега!“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
Во земјава до вчера се вакцинирани 764 здравствени работници против ковид-19. Имунизацијата на здравствените работници со вакцината од производителот „Фајзер“ се одвива во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести во Скопје, каде се поставени шест вакцинални позиции и се работи во две смени од 8 часот наутро до 20 часот, од понеделник до сабота.
Вакцинирани 652 здравствени работници
Министерот за здравство изјави дека се очекува до крајов на месецов да пристигнат и останатите вакцини. Тие ќе бидат дистрибуирани до сите вакцинални пунктови во земјава и ќе започне масовното вакцинирање на населението.
Близу 95 илјади граѓани се пријавени преку сајтот vakcinacija.mk или преку матичните лекари. Од нив, 44 илјади се граѓани на возраст над 70 години со хронични болести.