Тешко дека талибанците ќе ги казнат убијците на новинари
![Тешко дека талибанците ќе ги казнат убијците на новинари](https://gdb.rferl.org/C55388C8-9504-4EB2-9D81-B351C926BA1A_w800_h450.jpg)
Најверојатно нема да има правда за 17 авганистански новинари убиени во изминатата деценија, сега откако дојдоа талибанците на власт и по колапсот на институциите, велат од Комитетот за заштита на новинарите.
Организацијата со седиште во Њујорк, која се занимава со правата на медиумите, денеска до издаде својот Индекс на неказнивост.
Како и во изминатите две години, Авганистан се најде на петтото место на индексот. Истражувањето ги рангира земјите каде што новинарите се убиваат, а нивните убијци остануваат неказнети.
Ситуацијата за новинарите се влоши откако талибанците ја презедоа контролата над поголемиот дел од Авганистан во средината на август, кога меѓународните сили предводени од САД се повлекоа од земјата. Тогаш стотици медиумски работници ја напуштија земјата поради стравот од талибанците, кои имаат досие на сурово однесување кон медиумите.
„Ветувањата дадени од раководството на талибанците за заштита на слободата на печатот се празни, бидејќи нивните борци извршија голем број прекршувања на правата на медиумските работници, вклучително и тепање и притворања на новинари“, соопшти Комитетот за заштита на новинарите.
Севкупно, во текот на изминатата деценија биле убиени 278 новинари низ светот, од нив убиствата на 226 новинари останале неказнети, покажува истражувањето на Комитетот.
Талибанците воведоа „екстремно опасни“ правила за новинарството
Сомалија е на врвот на листата седма година по ред, а потоа следат Сирија, Ирак и Јужен Судан.
Во првите 10 земји во светот по неказнивост на злосторствата против новинарите се и Мексико, Филипини, Бразил, Пакистан и Русија.
Овој индекс не ги вклучува случаите на убиени новинари во борба или додека биле на опасни задачи.
Во Авганистан, 17 локални новинари беа убиени во изминатите 10 години, од кои пет само во 2020 година, додека нивните убијци се на слобода. Меѓу убиените мината година се и репортерот на РСЕ Елјас Даје и хонорарецот Рахматула Никзад. Тие добиле закани од талибанците пред нивната смрт. Тоа го наведува Комитетот дека има мали шанси новите авгианистански владетели да ги бараат убијците.
Во меѓувреме, судскиот систем на Авганистан пропаѓа, што доплнително дава поткрепа на тоа дека убијците ќе останат неказнети.