ЗНМ бара измени на Кривичниот законик за поголема заштита на новинарите
Претставници на Здружението на новинари на Македонија денеска побараа воведување на нови кривични дела во Кривичниот законик, како што се „Спречување на новинарите во извршувањето на професионалните задачи“ и „Напад врз новинарите во извршувањето на професионалните обврски“, односно дополнување на постојните членови кои се однесуваат на закани и физички напад, вклучително и убиство.
Од ЗНМ велат дека со овие предлог измени, секое лице кое ќе се закани или ќе нападне новинар, медиумски работник или нивно блиско лице поради извршување на професионални новинарски задачи, ќе добие поголема казна од страна на судот.
Освен тоа, за дел од овие повреди на права во иднина обвинителството ќе презема мерки по службена должност, наместо праксата на приватни тужби од страна на новинарите како што е тоа во моментов.
Целта на овие измени на Кривичниот законик е да се воспостави поефикасен систем на заштита на новинарите, а во исто време да се одвратат потенцијалните напаѓачи во иднина, валат од ЗНМ.
Со предложените измени, додаваат од ЗНМ, новинарските екипи ќе добијат зголемена заштита во извршувањето на професионалните обврски, нешто слично како и службените лица.