Министерство за труд и социјала – Лага е дека мајка и татко преминуваат во родител А и родител Б
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата се изјаснија дека со резерва гледаат на предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација, оти, според нив, со него се брише одредбата дека бракот е заедница помеѓу маж и жена. Тие реагираат и дека со новиот предлог закон се укинуваат термините мајка и татко и се воведува терминологијата родител А и родител Б.
Во соопштението на Министерството велат дека бракот се уредува за законот за семејство и таму стои дека „бракот, како и вонбрачната заедница е заедница меѓу маж и жена“ и нема промени во тоа, а родителите се именуваат како татко и мајка. Министерството наведува дека предлог законот има добиено позитивни мислења од Венецијанска комисија, од Обединетите нации, од ЕУ и од ОБСЕ/ОДИХР. Според Министерството, со новото законско решение, се прави значаен чекор во борбата против сите форми на дискриминација, почитувајќи го и вклучувајќи го законодавството на ЕУ и меѓународните стандарди за човекови права.
