Верските челници и политичарите ги честитаат Бадник и Божик
„На овој спасоносен ден да си спомнеме и за последниве тешки години, предизвикани од пандемијата, која покажа дека човекот е премал и немоќен да ѝ се спротивстави сам. Сите неприлики и на современото човештво доаѓаат од моралната криза, од неа се раѓаат сите недоразбирања меѓу народите и од неа произлегуваат сите проблеми со кои секојдневно се сретнува и ова наше поколение„наведе Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан .
Празникот на Христовото Раѓање, Божик, нѐ потсетува дека мирот и радоста, љубовта и заедништвото, разбирањето и дарувањето се наши најголеми вредности, наведе претседателот на државата Стево Пендаровски во честитката по повод христијанскиот празник Христовото раѓање – Божик.
„Нека големиот празник ни даде дополнителна енергија да се соочиме со сите неволји и искушенија и нека нѐ инспирира на благородност, добродетелство, солидарност и заедништво. Со искрена верба и со длабока самодоверба да креираме успех и благосостојба, Христос се роди!“, напиша Пендаровски во честитката.
Мандарот за составување на владата и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски во својата честитка за Бадник на граѓаните им посакува добро здравје, радост во срцата и благосостојба во нивните домови.
„Бадник е предвесник на Христовото раѓање, денот на надежта и оптимизмот, посакувам да го дочекаме сите во слога, спокој, семеен мир и радост. Нека е за многу години Бадник“, напиша Ковачевски на својот фејсбук-профил.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, во честитката за Божик упатена дека поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија повика на сплотеност.
„На трпезите оваа година за жал ќе имаме една горчина поради се поголемата економска криза и немаштија и тоа се работите кои човека го оставаат нерамнодушен, но и треба да се голем поттик за работите да ги менуваме, а ќе ги менуваме заедно, со верба, надеж, знаење и мотив за иднина каква ја заслужува секој еден човек“, наведе Мицкоски.
