Во италијанскиот парламент продолжува гласањето за нов шеф на државата
Лидерите на политичките партии во Италија сѐ уште се далеку од договор за нов претседател, бидејќи многумина се против промена на шефот на владата поради страв од предвремени парламентарни избори. Премиерот Марио Драги се смета за кандидат со најголеми шанси да ја преземе доминантно церемонијалната функција на шефот на државата, но неговиот трансфер во претседателската палата Квиринал може да значи предвремени избори кои многу партии не ги сакаат. Вчерашниот, втор круг на гласање за претседател на Италија во парламентот, беше неуспешен како и завчерашниот кога огромното мнозинство пратеници фрлиле празно, неважечко ливче, наведува Асошиетед прес. За некој да стане претседател на Италија, во првите три круга на гласање потребно е да добие поддршка од две третини од пратениците, односно 672 гласа.
Почина претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли
Од четврток, кога ќе се одржи четвртиот круг на гласање, за избор на претседател ќе биде доволно просто мнозинство од 505 пратеници. Но, дури и таа бројка во моментов изгледа недостижна. Во некои претходни циклуси на претседателски избори во Италија беа потребни повеќе од десет круга на гласање. Драги, 74-годишен економист и поранешен претседател на Европската централна банка, стана премиер во февруари 2021 година, прифаќајќи ја поканата од италијанскиот претседател Серџо Матарела да води влада на национално единство. Поранешниот премиер Силвио Берлускони, кој во последен момент се откажа од својата амбиција да биде шеф на државата, и неговиот сојузник Матео Салвини, лидер на десничарската партија Лига, се спротивставија на промената на премиерот, но никој не предложи алтернативен кандидат. Функцијата на претседателот на Италија е главно церемонијална, бидејќи шефот на државата нема значителни овластувања, освен во случај на политичка блокада во земјата, кога тој има клучна улога. Во таа ситуација тој може да го распушти парламентот во кој е невозможно да се формира мнозинство. Претседателот е овластен да ги врати законите во парламентот и да назначи мандатар за состав на влада.