Петровска ќе го тужи Ковачки ако не и се извини за обвинувањата за сексуални малтертирања во Армијата
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска побара извинување од пратеникот Драган Ковачки, кој од собраниска говорница, минатиот месец, зборуваше за случаи со сексуални малтертирања во Армијата на Северна Македонија
Петровска се закани со тужба за клевета доколку не добие извинување од пратеникот во рок од 48 часа, за, како што истакнува - ширење на лаги за наводен секс-скандал, како и за наводно прикривање на сето тоа токму од страна на министерката.
Минатиот месец пак, поточно на 26 октомври, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, од собраниската говорница обвини дека во Армијата се случува сексуално малтертирање на подредени офицерки.
„Покрај појавата на плаќање кеш и давање мито за мисии во АРМ има сериозни случаи на злоупотреба на службената позиција и сексуално малтретирање на подредени офицерки и војници од страна на високи офицери, вклучително и од страна на генерали и началници од воената безбедност. Истите високи офицери за возврат им ветувале школување на воената академија и други бенефити“, изјави тогаш Ковачки.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека за изнудувањето сексуални услуги се дознало случајно во текот на истрага за мито, случај кој претходно го обелоденила неговата партија, додека министерката за одбрана Славјанка Петровска во таа прилика не споделувајќи детали рече дека сè што имала за кој било случај, го дала и кажала пред надлежната служба во Министерството за одбрана.
Инаку Ковачки и Петровска веќе завршија пред граѓанскиот суд во Скопје, во друг случај, по поднесена тужба за клевета од Петровска, а во врска со обвинувањата повторно од Ковачки дека министерката во својот Анкетен лист до ДКСК не пријавила луксузен имот во Радишани.
Петровска ги негираше обвинувањата, а постапката за овој случај е во тек.