Загинаа 11 луѓе во пожар во трговски центар во Карачи, Пакистан
Најмалку 11 лица загинаа, а 35 се повредени во пожар што денеска (25 ноември) избувна во трговски центар во Карачи, најголемиот град во Пакистан.
Афсар Али, официјален претставник на противпожарната служба во Карачи, за Радио Слободна Европа изјави дека повеќе од 50 продавници изгореле во пожарот во трговскиот центар.
„Пожарот избувна на шестиот кат од трговскиот центар, а подоцна се прошири и на четвртиот кат“, изјави Али.
Најмалку 42 лица се спасени, а повредените се пренесени во болница, соопштија официјални лица. Причината за пожарот не е веднаш јасна.
Повеќе од 60 луѓе биле во трговскиот центар кога избувнал пожарот.
„Нашите спасувачи досега пронајдоа 11 мртви“, изјави Шахид Хусеин, портпарол на добротворната организација Чипа, која раководи со спасувачката служба.
Тој изјави дека се повредени 35 лица, од кои седум се во тешка состојба, додека најмалку 40 лица се спасени.
Шабир Али, портпарол на провинциското Министерство за здравство, го потврди бројот на загинати и бројот на повредени лица.
Најмалку 250 работници загинаа во 2012 година во фабрика за облека во градот Балдија, во западниот дел на Карачи, кога пожар ја зафати фабриката. Зградата немала излез наменет за евакуација во случај на пожар.