Кривична пријава против новинар на Танјуг поради негирање на геноцидот во Сребреница
![Кривична пријава против новинар на Танјуг поради негирање на геноцидот во Сребреница](https://gdb.rferl.org/46c30000-0aff-0242-93c4-08d9922455a7_cx0_cy10_cw0_w800_h450.jpg)
Новинарот на српската новинска агенција Танјуг, Марко Трошиќ доби кривична пријава затоа што за време на интервју со претседателот на Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, тој ги негирал судските потврдени факти дека во Сребреница бил извршен геноцид врз Бошњаците.
Кривична пријава против Трошиќ беше поднесена од страна на бошњачкото лоби здружение Институт за истражување на геноцид (ИГК) со седиште во Канада, пренесува Хина. Како што беше наведено во денеска објавено соопштение, пријавата против Трошиќ е поднесена до Обвинителството на БиХ врз основа на измените во државниот кривичен закон, наметнати од поранешниот висок претставник за БиХ, Валентин Инцко, кон крајот на јули.
Од почетокот на август, секое негирање на воените злосторства, вклучително и злосторството геноцид извршено во Сребреница, кој е утврден со пресудите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) и Меѓународниот суд на правдата (МСП), стана кривично дело во БиХ од почетокот на август.
Секое лице кое „јавно го поддржува, негира, грубо го релативизира или се обидува да го оправда злосторството геноцид, злосторство против човештвото или воено злосторство утврдено со правосилна пресуда во согласност со Повелбата на Меѓународниот воен трибунал анексирана на Лондонскиот договор“ може да биде казнет со затворска казна во опсег од шест месеци до пет години.
Обновени стравувања во БиХ: „На кој му е до војна нека ја има дома“
На снимката, која е достапна за медиумите од синоќа, се гледа како новинарот на Танјуг расправа со Комшиќ за време на снимањето на интервјуто за тоа дали имало геноцид во Сребреница или не, пренесува Ал Џезира.
Комшиќ инсистираше дека тоа е недвосмислено утврдено со судски пресуди, на што Трошиќ одговори дека не се согласува со тие пресуди и дека според него во Сребреница е извршено „страшно злосторство“, а не геноцид.
„Тогаш ќе треба да го направите ова интервју со некој друг“, му порача Комшиќ на новинарот, пред да го извади микрофонот и да го прекине разговорот.
Од стапувањето во сила на измените на кривичниот закон на БиХ наметнати од Инцко, се уште никој не е обвинет за негирање воени злосторства.