Полициска бркотница со криумчар на мигранти, четворица завршија во болница
Дваесет и седумгодишен жител на Слупчане, општина Липково, синоќа е лишен од слобода поради тоа што со автомобил превезувал 11 мигранти од Индија, Пакистан и од Авганистан.
Како што соопшти МВР, синоќа, околу полноќ на автопатот Неготино-Велес тој не застанал на даден знак од страна на полициски службеници, по што во близина на Велес изгубил контрола над возилото, кое се превртело. Тој заедно со тројца мигранти кои се здобиле со повреди се пренесени во болницата во Велес.
„Ј.З. и три лица мигранти со телесни повреди се пренесени во Општата болница Велес за пружање на лекарска помош, а потоа Ј.З. е лишен од слобода и задржан во Полициска станица Велес за понатамошна постапка“, наведуваат од МВР.
Мигрантите се сместени во Привремениот транзитен центар Винојуг. Од МВР велат дека за настанот е известен Јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Таканаречената балканска рута се движи главно од Турција и Грција, преку Македонија и Србија кон европските држави кои се крајна цел на мигрантите.
Балканската рута за мигранти кон попросперитетните земји на Европската унија повторно стана активна бидејќи многу балкански земји ги укинаа ограничувањата за патување воведени за време на пандемијата на коронавирусот.