Видео надзор дел од новите ирански мерки за задолежително носење хиџаб
Иранските власти предложија нови мерки за воведување на задолжително носење хиџаб во земјата. Мерките вклучуваат, меѓу другото, употреба на надзорни камери за идентификување и казнување на оние жени кои не го почитуваат кодот за носење на хиџаб.
На јавната седница на иранскиот парламент на 14 март, Бијан Нобавех, член на Комитетот за култура, откри дека телото предложило седум нови мерки поврзани со хиџабот, кои биле целосно поддржани од раководството и биле дискутирани во Советот за национална безбедност.
Според новите предлози нема да биде дозволено физичко казнување. Наместо тоа, жените кои не го почитуваат законот ќе бидат казнети според однапред утврден распоред.
Надзорните камери ќе се користат за следење на јавните места за жени, а оние кои ќе го прекршат законот ќе бидат казнети со мерки кои вклучуваат забрана за користење на мобилни телефони и интернет конекции.
Полициските и правосудните органи ќе бидат задолжени за собирање докази и откривање на прекршителите. Комисијата за култура соопшти дека сопствениците на продавници и операторите на бизниси како што се трговските центри и сместувачките центри ќе бидат одговорни за спроведување на правилата.
Властите започнаа со казнување на одредени бизниси посочени како „прекршители на правилото “ при што беа казнети два хотела и еден трговски центар во Техеран порад не почитувањето на правилото - посетителките задолжително да носат хиџаб.
Хиџабот, шамија што ја носат муслиманките, стана задолжителен дел од облеката во јавноста за иранските жени и девојчиња постари од девет години по Исламската револуција во 1979 година.
Со години, многу Иранки му пркосат на правилото во знак на протест и ги поместуваат границите на она што официјалните лица велат дека е прифатлива облека.
Долготрајните тензии зовреа во септември минатата година по смртта на Махса Амини, која беше приведена поради кршење на правилата за хиџаб, по што во притворот почина.