Двегодишна условна казна за Митровски во предметот „Империја“
Бизнисменот Зоранчо Митровски во случајот „Империја“ доби условна казна од две години затвор која нема да се изврши доколку во наредните пет години не стори ново кривично дело.
Покрај казната, со првостепената пресуда судот одлучи Зоранчо Митровски и „Еземит вино“ ДООЕЛ солидарно да платат и отштета од 92,25 милиони денари (околу 1,5 милиони евра) во корист на буџетот на РСМ, додека фирмата АД „Бетон Штип“ за преднајавената штета се упатува парите да си ги бара во граѓански спор.
Изрекувањето на пресудата следува откако Митровски на првото рочиште одржано на 20 март годинава призна вина и постапката за него беше раздвоена. Тогаш со него на обвинителна клупа седнаа и Цветан Панделевски и Јованчо Тасковски. Првиот не призна вина, а вториот побара одложување за да направи увид во штетата.
Митровски пресудата ја доби за две кривични дела: злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари.
Во истрагата за „Империја“ беа опфатени 19 лица, но дел од нив во меѓувреме признаа вина и се спогодија со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, за дел постапката беше прекината поради застарување, а за дел имаше решенија за запирање на постапката. Спогодба постигнаа седуммина меѓу кои поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и бизнисменот Јордан (Орце) Камчев.