Демонстранти во Сараево бараат Шмит да ја напушти функцијата
Неколку стотици граѓани излегоа на протест во Сараево со барање високиот претставник на БиХ Кристијан Шмит да ја напушти функцијата и да ги повлече донесените одлуки. Пред канцеларијата на Високиот претставник во Сараево на 31 март со автобуси пристигнаа стотици демонстранти со голем транспарент.
Демонстрантите велат дека се незадоволни од одлуките на Шмит кои се однесуваат на измените на Изборниот законик и Устав на БиХ. Пакетот мерки Шмит го донесе на ден по изборите во октомври минатата година и содржи и амандмани на изборниот законик и Устав. Тоа е осмата одлука која тој ја донесе од преземањето на функцијата во август 2021 година.
Тие бараат да престане, како што велат, „разградувањето на државата и одлуки кои ги носат претставници на меѓународната заедница“. Организатор на протестот е Здружението РеСТАРТ БиХ и Здружението на независни интелектуалци Круг 99.
Пред протестот, Шмит се огласи на Твитер.
„Мирните демонстрации се основно право во демократијата и се од клучно значење за плуралистичкото општество“, рече високиот претставник во Босна и Херцеговина.
Уставниот суд оцени дека одлуките на Шмит од 2 октомври минатата година, донесени на денот на изборите, се во согласност со Уставот на Босна и Херцеговина и дека нема причина да се поништат.
„Политичките актери мора да се однесуваат одговорно и да го завршат процесот на формирање влада“, рече Шмит во момент кога се уште не е јасно како ќе се формира новата влада.
Владата на Федерацијата БиХ последен пат беше формирана во 2014 година, а од претходните избори од 2018 година функционира како „техничка влада“.
Рокот за формирање нова влада истекува на 6 април.
Високиот претставник за БиХ ги носи одлуките врз основа на Бонските овластувања врз основа на кои има право да менува закони, устави на ентитетите или да менува функционери. Тој е конечен авторитет за толкување на Дејтонскиот мировен договор.