Албанската опозиција поднесе интерпелација за Јовески поради модуларната болница во Тетово
Партиите од албанскиот опозициски блок во Собранието поднесоа иницијатива за интерпелација за работата на главниот јавен обвинител Љубомир Јовески.
Пратениците од Алтернативата, Демократското движење и Движење Беса велат дека интерпелацијата ја поднесуваат поради судскиот процес за пожарот во модуларната болница во Тетово.
Пред две години на 8 септември во пожар во модуларната болница во Тетово загинаа 14 луѓе.
Пратениците од албанската опозиција велат дека Јовески мора да се појави пред Собранието и да одговара за својата улога во овој случај.
„Оваа интерпелација има за цел во јавната собраниска расправа да ги покрене сериозните тврдења дека Јавното обвинителство крие факти и информации во текот на целата процедура за некако да ја заштити политиката и членовите на бизнис елитите кои биле вклучени во изградбата на модуларните болници кои беа предмет на оваа трагедија“, рече пратеничката Мерита Коџаџику.
Интерпелацијата е доставена до Собранието. Претседателот Талат Џафери има рок од 15 дена да ја процесуира и да ја стави на дневен ред.
Мандатот на Јовески како главен обвинител му завршува на крајот на годината. Тој е кандидат за судија во Уставен суд, а изборот го врши Собранието.
Поддршка за интерпелацијата изрази и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во својот најнов документарец „Убиство во Тетово“ откри дека модуларните ковид-болници во земјава, вклучително и таа во Тетово, се граделе несоодветно и со заобиколување на повеќе законски процедури, без елаборат за електрична инсталација, без елаборат за против пожарна заштита, без надзор на изградбата, но и низа други сериозни законски пропусти.
Обвинителството отвори истрага за причините за пожарот која траеше со месеци, а помагаа и експерти од Германија. Беше констатирано дека пожарот избувнал како последица на краток спој на продолжен кабел. Во септември минатата година започна судењето кое заврши во јуни годинава, а обвинети беа три физички и едно правно лице: докторот на смена Бобан Вучевски, како и за двајцата тогашни директори на болницата Флорин Бесими и економскиот директор Артан Етеми.
Судот им одреди условни казни за Етеми и Бесими, го ослободи Вучевски, но во судскиот предмет не се гонеа обвинетите поради причината за пожарот во модуларна болница. Обвинителството тврди дека се уште се истражува за вториот случај.
Од македонската компанија БРАКО, која е изведувач на објектите, по објавувањето на филмот соопштија дека таканаречените модуларни болници ги изградиле по стандарди. Што потоа се случувало со објектите, дали се доопремувале, и како се управувале од самата болница, не е во надлежност на БРАКО, велат од компанијата.