Најмалку 52 лица загинале во самоубиствен напад во Пакистан
Најмалку 52 лица загинале, а повеќе од 50 биле повредени во петокот, (29 септември) во самоубиствен напад на верски собир по повод роденденот на пророкот Мухамед во пакистанската провинција Белучистан, соопштија здравствените власти и полицијата.
Според Ројтерс, ниту една група сè уште не ја презела одговорноста за експлозијата.
На западот на Пакистан, каде што се наоѓа Балучистан, зголемен е бројот на напади, што ги зголемува ризиците за безбедносните сили пред националните избори закажани за јануари следната година.
„Бомбашот ја активирал експлозијата во близина на возилото на заменик-началникот на полицијата“, изјави за Ројтерс заменик-генералниот инспектор на полицијата Мунир Ахмед, додавајќи дека експлозијата се случила во близина на џамија каде што луѓето се собирале на поворка за да го одбележат роденденот на Мухамед.
Техрик-е Талибан Пакистан, главна група која вклучува различни екстремни сунитски исламистички групи, негираше дека го извршила нападот.
Во јули, повеќе од 40 луѓе беа убиени во самоубиствен бомбашки напад во северозападната провинција Хајбер Пахтунхва на митинг на верска политичка партија.