Нов силен земјотрес во Авганистан, загина најмалку едно лице
Најмалку едно лице загина, а 120 беа повредени во нов земјотрес со јачина од 6,3 степени во западен Авганистан утрово на 11 октомври, неколку дена по серијата земјотреси викендов во оваа земја, во кои загинаа најмалку 2.000 луѓе.
Геолошкиот институт соопшти дека последниот земјотрес со јачина од 6,3 степени според Рихтеровата скала се случил на околу 28 километри надвор од Херат, главниот град на истоимената провинција.
Менаџерот на службата за брза помош за регионалната болница Херат, Абдул Захир Ноорзаи, изјави дека најмалку едно лице загинало, а 120 се повредени во земјотресот.
Хуманитарната организација „Лекари без граници“ соопшти дека регионалната болница во Херат примила речиси 120 повредени од последниот потрес.
Оттаму соопштија и дека се испратени дополнителни медицински материјали во болницата и дека се поставуваат уште четири медицински шатори во установата.
„Нашите тимови помагаат во третирањето на итни случаи и лекувањето на останатите повредени примени во медицинските шатори“, објавија Лекари без граници на социјалната мрежа „X“
Амбулантни возила се испратени во квартот Рабат Санги во Херат, кој е најпогодена област по последниот земјотрес.