Експлозија во џамија во Авганистан, голем број мртви и повредени лица
Голем број луѓе се убиени и повредени во експлозија што се случи за време на петочната молитва на 13 октомври во шиитска џамија во Пол-е-Хомри, главниот град на северната авганистанска провинција Баглан, соопштија за РСЕ локалните власти и извори.
Извори во провинцијата Баглан, кои побараа анонимност од безбедносни причини, ги цитираа здравствените власти кои велат дека телата на речиси 30 луѓе биле префрлени во болницата во Пол-е-Хомри.
Експлозијата се случила за време на петочната молитва во џамијата Имам Заман, изјавија извори за Радио Азади. Талибанските власти се уште не дале информации за бројот на жртвите, но потврдија дека се случила експлозија.
„Остро го осудуваменападот, но моментално ги немам сите информации“, изјави за АФП заменик владиниот портпарол Билал Карими.
Мавлави Хашими, талибански функционер во провинцијата Баглан, изјави за Ројтерс дека мртвите и повредените се пренесени во болница. Хашими рече дека властите истражуваат за каков тип на експлозија се работи.
Ниту една група засега не ја презеде одговорноста за овој напад. Во минатото, Исламска држава, која ги смета шиитите за еретици, презеде одговорност за слични напади врз шиити во различни провинции во Авганистан.
Откако Талибанците ја презедоа контролата врз владата во Кабул во август 2021 година, Исламската држава организираше напади врз дипломатските претставништва и зградите на министерствата во главниот град и уби двајца гувернери на провинцијата.
Талибанците и Исламската држава споделуваат строга сунитска идеологија, меѓутоа, новите лидери на Кабул ветија дека ќе ги заштитат етничките и верските малцинства.