Новиот закон за плати е далеку од готов
И по околу една година најавување од страна на власта, новиот закон за плати е далеку од готов. Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу на 21 октомври рече дека тој сè уште е во драфт-верзија.
„Тоа се големи предизвици, не само за нас и за други земји. Драфт-верзијата на тој закон јас веќе ја пратив до работната група, ние сме пет колеги од Владата кои работиме во моментов да најдеме решение за оптимизација на пристапот кон креирање на плати, но сè уште не може да кажеме дека имаме варијанта која треба да биде отворена за дебата бидејќи е сè уште многу драфт варијанта“, вели Алиу.
И министерот потенцираше дека на законот се работи одамна порачувајќи дека тој треба да даде рамка за целиот платен систем во државата која се соочува со дисторзија на платите.
„Знаете дека во различни институции имаат различни плати. И во министерства платите не се исти, во Министерство за финансии колегите земаат 30 проценти поголеми плати од другите колеги кои истата работа ја работат во други министерства. Таа дисторзија на плати во нашата држава дефинитивно е очигледна и јас верувам длабоко дека со тој закон за плати ќе креираме стандарди и ќе се знае секое работно место со колку бодови се бодува. Се надеваме дека ќе имаме платен систем кој ќе ни дава јасна слика и за административните работници, но и за функционерите“, посочи Алиу.
Новиот закон за плати владата го најави пред околу една година. Во изјава за медиумите, премиерот Димитар Ковачевски на 22 ноември лани порача дека мора да има закон што ќе стави ред и конзистентност во примањата особено на раководните лица.
„И затоа предложив и е во изработка закон за плати во којшто ќе се дефинира најголемата плата во државата и сите плати потоа ќе бидат врз основа на таа највисока плата унифицирани, односно ставени во една конзистентна рамка“, рече Ковачевски пред околу една година.
Дебата за платите, пред се на функционерите, доби на интензитет во јавната дебата пред околу шест месеци откако Уставниот суд на 23 март донесе одлука со која укина два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите, со што нивните плати скокнаа за 78 отсто.