Кинески борбен авион прелета блиску до американски воен авион
Американската војска на 27 октомври соопшти дека кинески борбен авион прелетал на три метри од американскиот бомбардер Б-52 кој летал над Јужното Кинеско Море, што за малку ќе предизвикало судир.
За време на ноќниот лет, ловецот му се приближил на авионот на американските воздухопловни сили „со неконтролирана и прекумерна брзина, летајќи под, пред и на три метри од авионот Б-52, ставајќи ги двата авиона на ризик од судир“, се вели во изјава на американската војска.
Кинеското Министерство за надворешни работи ги обвини Соединетите Држави за инцидентот, сугерирајќи дека американскиот авион прелетал над Јужното Кинеско Море како намерна провокација.
Американската војска во соопштението наведе дека нејзиниот авион „легално извршува рутински операции“, но не одговори веднаш на прашањата за тоа што прави Б-52 над Јужното Кинеско Море или дали е со група авиони, пишува АФП.
Кина е сè поодлучна да ги зајакне своите претензии кон поголем дел од Јужното Кинеско Море, што го оспоруваат САД и другите земји кои го користат морето како важен трговски морски пат.
САД и нивните сојузници редовно спроведуваат поморски маневри во Јужното Кинеско Море и нивните воени авиони летаат над областа за да нагласат дека водите и воздушниот простор се меѓународни.
Пресретнувањата во воздух се вообичаени, а САД велат дека имало повеќе од 180 такви инциденти од есента 2021 година.