Изрекување на казната за поранешниот полицаец за убиството на Џорџ Флојд
![Изрекување на казната за поранешниот полицаец за убиството на Џорџ Флојд](https://gdb.rferl.org/a3ea8c76-2794-4ffd-87fe-a43c72e45643_w800_h450.jpg)
Поранешниот американски полицаец Дерек Шовин денеска треба да биде осуден за убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд, убиство што предизвика масовни демонстрации и расправии за расни прашања. 45 годишниот Шовин пред два месеца беше осуден по три точки за убиство. Судијата Питер Кејхил ќе ја изрече казната во судницата во градот Минеаполис, Минесота, каде што се случи злосторството во мај 2020 година. Според законот во Минесота, Шовин ќе биде осуден само за најтешкото обвинение за убиство од втор степен, бидејќи сите обвиненија против него произлегоа од едно дело.
Поранешниот полицаец e виновен за смртта на Џорџ Флојд
Врз основа на судската пракса во Минесота, најдолгата казна што може да ја добие Шовин е 30 години. Минималната казна е 12 години. Кејхил се согласи со обвинителите дека има отежнувачки фактори, сигнализирајќи дека казната ќе биде поголема од минималната. Меѓу тие фактори е дека Шовин ја злоупотребил својата позиција на доверба и авторитет и се однесувал кон Флојд со особено суровост.
Протести во САД по смртта на еден афроамериканец во конфронтација со полицијата
Адвокатите на обете страни се очекува да дадат кратки аргументи пред објавувањето на казната. Членовите на семејството на жртвите исто така можат да даваат изјави, а Шовин може да му се обрати и на судот. Шовин не сведочеше за време на неговото шестнеделно судење, кое го следеа милиони низ САД и низ целиот свет. Во него беше утврдено како Шовин и тројца други полицајци го уапсија 46 годишниот Флојд под сомнение дека искористил фалсификувана сметка во продавница. Клучен доказ беше видеото снимено од случаен минувач, на кое се гледа како Шовин го држи Флојд, притискајќи го со коленото на вратот, додека тој постојано вели: „Не можам да дишам“. Видеото стана вирално, предизвикувајќи масовни демонстрации.