Зибери: Пристапот до правдата во пандемијата беше ограничен
![Зибери: Пристапот до правдата во пандемијата беше ограничен](https://gdb.rferl.org/D8DAE641-D344-4EC2-AB78-587C17D37F56_w800_h450.jpg)
Ковид 19 ги наруши речиси сите текови во општествениот живот, а посебно негативно влијаеше врз слободите и правата на граѓаните, изјави народниот правобранител Насер Зибери, на денешната презентација на Извештајот за темелните права на Агенцијата за темелни права на Европската унија за 2021 година.
Според него, на удар пред се нашле ранливите категории, како што се децата, децата со попреченост, лицата под социјален ризик, како и една сериозна бројка на популацијата од ромското население.
„Во овој период, особено во време на прогласувањето на вонредната состојба, посебно проблеми се појавија по однос на семејното насилство и од едно истражување изнесовме сериозни податоци за тоа како прогресивно расте семејното насилство во ефективна вонредна состојба, во полициски час итн.“, изјави Зибери.
Амнести Интернешнл: Владите ја користат пандемијата за кратење на човековите права
Мерките кои одат во заштита на здравјето на граѓаните, како што истакна омбудсманот Зибери, често пати детерминирале поинакво дејствување на институциите, многу институции биле полузатворени, полуотворени, пристапот до правда ограничен, а капацитетите на институциите биле лимитирани и не можеле да бидат на ниво на потребите на граѓаните.
Народниот правобранител констатирал низа слабости во институциите и во преземањето на мерки кои одат во насока на подигнување на квалитетот на заштита.