Претседатели, кралеви, папата Франциск го честитаа Денот на независноста
![Претседатели, кралеви, папата Франциск го честитаа Денот на независноста](https://gdb.rferl.org/95df84f6-9f05-4ad5-935e-3d928bcecd75_w800_h450.jpg)
За Осми септември, Денот на независноста, до претседателот Стево Пендаровски писма со честитки испратиле дваесетина претседатели, десетина кралеви и поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциск. Како што информираа од Кабинетот на претседателот писма со честитки испратиле претседателите на Германија Франк Валтер-Штајнмаер, на Франција Емануел Макрон, на Соединетите Американски Држави Џо Бајден, на Русија Владимир Путин.
Од балканските земји независноста ја честитале претседателите на Грција Катерина Сакеларопулу, на Бугарија Румен Радев, на Србија Александар Вучиќ, на Косово Вјоса Османи, на Турција Реџеп Таип Ердоган.
Од европските држави честитки до македонскиот претседател Пендаровски стигнале и од претседателите на Чешка Милош Земан, на Словачка Зузана Чапутова, на Романија Клаус Јоханис, на Украина Володимир Зеленски, на Швајцарија Ги Пармелан, на Ирска Мајкл Хигинс, на Естонија Керсти Калјулаид.
Триесет години независна држава - можеше и подобро
Од кабинетот информираа дека честитки стигнале и од Кралицата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска Елизабета II, кралот на Холандија, Вилем Александер, кралот на Шведска Карл XVI Густаф, кралот на Саудиска Арабија, Салман Бин Абдулазиз Ал-Сауд и султанот на Оман.
Од подалечните земји денот на независноста го честитале и генералниот гувернер на Австралија, Дејвид Хурли претседателот на Република Ерменија Армен Саркисијан, претседателот на Египет Абдел Фатах Ал-Сиси и претседателот на Шри Ланка Готобаја Раџапакса.
Македонија вчера одбележа 30 години независност со дефиле на националните ансабли и културно-уметничките друштва, на рударите, земјоделците, волонтерите на Црвен крст, извидниците, здравствените работници, спортистите, пожарникарите, полицијата и армијата. Настанот се одржа пред зградата на Собранието во Скопје.
Инаку на референдумот кој се одржа на 8 септември 1991 година излегоа околу 72 отсто од запишани избирачи, а 95 отсто од нив се изјаснија потврдно на прашањето „дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“. Од тогаш овој ден се празнува како Ден на независноста.