Лукашенко ќе се сретне со Путин до крајот на неделава
Белорускиот авторитарен лидер Александар Лукашенко и рускиот претседател Владимир Путин ќе се сретнат пред викендот, додека заедничките воени вежби на двете држави продолжуваат да ги поттикнуваат стравувањата дека Москва можеби планира напад врз Украина.
Лукашенко денеска рече дека ќе се сретне со Путин „во најблиска иднина“ за да одлучи „кога, под кои услови и по кој распоред“ руските трупи ќе почнат да ја напуштаат Белорусија по завршувањето на вежбите кои треба да траат до 20 февруари.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, потврди дека Путин ќе се сретне со Лукашенко, додавајќи дека „таква средба е планирана до крајот на оваа недела“. Песков одби да одговори на новинарските прашања дали двајцата лидери ќе разговараат за повлекувањето на руските сили од Белорусија по завршувањето на вежбите.
„Да бидеме трпеливи, да почекаме до средбата. Се надеваме дека и двајцата претседатели ќе дадат заедничка изјава по разговорите“, рече Песков.
Шолц очекува итни знаци на деескалација од Москва
Белорусија се граничи со источното крило на НАТО и со Украина, па воените вежби на кои учествуваат околу 30 илјади руски војници предизвикаа загриженост кај Западот околу вистинските намери на Кремљ, со оглед на тоа што, според проценките на американските разузнавачки служби, во областите во близина на границата со Украина има распоредено околу 130 илјади руски војници и опрема.
Вашингтон на 11 февруари предупреди дека стравува дека Русија е подготвена да изврши напад врз Украина во секој момент. Москва ги негира обвинувањата на Западот дека можеби планира таков потег, велејќи дека има право да ги распореди своите војници каде сака на сопствената територија.