ЕУЛЕКС ќе се ангажира само по барање на косовската полиција
![ЕУЛЕКС ќе се ангажира само по барање на косовската полиција](https://gdb.rferl.org/8F0F4257-3FC9-49E2-8DC6-2522E609DFB5_w800_h450.jpg)
Мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово-ЕУЛЕКС не ги презеде полициските одговорности на северот на Косово, но ги зголеми мобилните извидувачки патроли во тој дел од земјата и одржува тесна координација со косовската полиција и КФОР, изјавија оттаму за Радио Слободна Европа.
„ЕУЛЕКС ќе се ангажира само по експресно барање на косовската полиција“, соопшти мисијата.
Тие додадоа дека нивните високи полициски советници на север се во рамките на северната управа на косовската полиција и ја советуваат Дирекцијата на северниот регион на косовската полиција и четирите полициски станици под нејзина команда за голем број прашања поврзани со обезбедувањето полициски услуги.
Освен тоа, како што додаваат оттаму, советникот на ЕУЛЕКС на главниот обвинител на Основното обвинителство во Митровица и советникот на ЕУЛЕКС на претседателот на Основниот суд во Митровица будно ја следат состојбата во овие две правосудни институции.
„Еулекс останува буден и внимателно ги следи сите случувања кои можат да влијаат на безбедноста на Косово, како и на безбедноста на сите заедници во Косово. Доколку е потребно, мисијата може да распореди дополнителна резервна полициска единица за дополнително зајакнување на своите сили на теренот и оперативните капацитет“, потенцираат од Мисијата на ЕУ.
Вучиќ се надева дека КФОР и ЕУЛЕКС ќе ја преземат полициската работа на северот на Косово
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ вчера изјави дека се надева оти САД ќе одлучат КФОР и ЕУЛЕКС да ги вршат полициските работи на северот на Косово, по одлуката на Србите да ги напуштат институциите.