Италија повикува на нормализација на односите меѓу Косово и Србија
Италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани, денеска ги повика Косово и Србија целосно да ги нормализираат односите, откако ден претходно двете земји постигнаа договор за регистарските таблички.
По телефонските разговори со лидерите на Косово и Србија, Тајани рече дека „сега е неопходно да се продолжи по патот на дијалогот и целосната нормализација на односите“.
Тајани, кој во вторникот ги посети Приштина и Белград, додаде дека „иднината на Балканот е во Европа, а Италија е подготвена да игра водечка улога во овој регион“.
Италија во моментов ја предводи мисијата на НАТО на Косово, КФОР, и е земја со најголем број војници.
На 23 ноември, Косово и Србија постигнаа договор за ставање крај на долгогодишниот спор околу регистарските таблички издадени од Србија за градовите во Косово.
Според тој договор, Србија се откажува од натамошното издавање на регистарски таблички, а Косово се откажува од сите чекори како предупредувања или казни за регистарски таблички.
Табличките издадени од српските власти се нелегални за Косово, но досега тие се толерирани во четири општини со српско мнозинство на север, и тоа во Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.
Косовската влада на премиерот Ајбин Курти инсистираше на промена на табличките со ознаката РКС (Република Косово).
Ситуацијата се искомплицира откако на 5 ноември припадниците на српската заедница на север ги напуштија косовските институции, спротивставувајќи се на одлуката на Владата на Косово за пререгистрација на возилата.