Борел најави усвојување на декларација за исчезнатите лица меѓу Србија и Косово
Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, најави дека лидерите на Србија и Косово на следниот состанок ќе усвојат заедничка декларација за исчезнатите лица.
Како што објави во средата, на 5 април, на својот Твитер профил, текстот на декларацијата бил договорен на средбата на главните преговарачи.
Над 13.000 луѓе беа убиени во Косово за време на војната, а 6.000 исчезнаа. Во меѓувреме, телата беа ексхумирани од масовните гробници и во Косово и во Србија, но сè уште се трага по околу 1.600 луѓе.
Шефот на европската дипломатија рече дека Брисел очекува Србија и Косово да ги почитуваат сите обврски од договорот за нормализација на односите и неговиот анекс. Тој додаде дека двете страни мора да избегнат какви било ескалации и дека во тек е воведување на нивните обврски на европскиот пат.
Прашањето за исчезнатите лица неколку пати беше предмет на дијалог меѓу Косово и Србија. Во април 2022 година, Европската унија објави дека страните се „многу блиску“ до постигнување договор за расветлување на судбината на исчезнатите и дека останува само „да се усогласат два збора“.
Терминот „присилно исчезнување“ за време на војната во Косово во 1998/99 година, година, на која инсистираше косовската страна, а Србија одби да ја прифати, досега го блокираше постигнувањето договор меѓу двете страни.
Пораките на Борел доаѓаат еден ден по средбата на главните преговарачи на Косово и Србија во Брисел.