Пазарен инспекторат: Се почитува замрзнувањето на овошјето и зеленчукот
Одлуката на Владата за замрзнување на цените на свежите домати, краставици, кромид, карфиол, свежи зелени пиперки, грав, леќа, банани, портокали, мандарини и лимони, се почитува, соопшти Државниот пазарен инспекторат, по извршените контроли во продавниците и маркетите низ земјава.
Инспекторите денеска извршиле над 250 контроли и надзори и забележале само две прекршувања, за што дополнително ќе бидат издадени соодветни прекршочни платни налози.
Од контролите е заклучено дека производите се продаваат по цени во согласност со владината одлука и се достапни во продавниците и маркетите низ земјава. Инспекторите се и понатаму на терен и продлжуваат со контролите, соопштија од ДПИ.
Во трговијата на мало од денеска килограм свежи домати може да се продава најмногу за 70 денари за килограм, свежите краставици до 75 денари за килограм, килограм кромид до 60 денари, килограм карфиол до 70 денари, килограм свежи зелени пиперки до 90 денари, килограм грав до 75 денари, килограм леќа до 110 денари, килограм банани до 70 денари, килограм портокали до 55 денари, килограм мандарини до 60 денари и килограм лимони до 55 денари.