Досега се вакцинирани и ревакцинирани над 104 илјади граѓани
![Досега се вакцинирани и ревакцинирани над 104 илјади граѓани](https://gdb.rferl.org/20b52460-3f2d-4cf5-8701-32eeeac33108_w800_h450.jpg)
Министерството за здравство соопшти дека на вакциналните пунктови во државата, заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 74 076 граѓани.
Прва доза вакцина завчера примиле 7 963 граѓани, а вкупно се вакцинирале 9 123 граѓани.
Во државата вкупно вакцина и ревакцина примиле 104.962 граѓани, а две дози примиле 20.650 граѓани.
Со последните бројки 25 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина.
Вакцина вчера прими премиерот Зоран Заев, а за денеска е најавено дека ќе се вакцинира и министерот за здравство Венко Филипче, кои постојано апелираат граѓаните да се пријават и да се вакцинираат.
Премиерот Заев прими вакцина од кинескиот Синофарм
Од Министерството за здравство информираат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а во моментов пријавени преку веб платформата vakcinacija.mk се над 256.346 граѓани.
Според последните податоци на МЗ, бројот на хоспитализирани пациенти со Ковид-19 се намали на 926, а за болничко лекување се на располагање 800 слободни кревети.
Полицискиот час од завчера е во сила од 23 часот навечер до 5 часот наредниот ден, продолжено е работното време за терасите на угостителските објекти, а за дополнителни олабавувања на рестриктивните мерки ќе се одлучува на почетокот на следната недела.