Нафтениот гигант Шел се повлекува од Русија, ќе престане да купува нафта и гас од Москва
![Нафтениот гигант Шел се повлекува од Русија, ќе престане да купува нафта и гас од Москва](https://gdb.rferl.org/0BD8C3A8-4676-4E1A-AA91-D934F11439FE_w800_h450.jpg)
Енергетскиот гигант Шел објави дека ќе ги запре сите купувања на руска нафта и гас и ќе ги затвори другите операции во земјата, придружувајќи им се на десетици други компании во прекинувањето на врските со Москва поради нејзината неиспровоцирана инвазија на Украина.
Шел во соопштението објавено на 8 март наведува дека не било во ред што купиле руска сурова нафта минатата недела, потег што беше остро критикуван бидејќи Москва ги засили бомбардирањата и гранатирањето на украинските градови, вклучително и на станбените области.
Седум руски банки исклучени од меѓународната СВИФТ мрежа
Компанијата веќе објави дека има намера да го прекине своето учество во проектот за гасоводот Северен тек 2 и да го напушти партнерството со рускиот Гаспром и сродните субјекти, вклучително и удели во други енергетски проекти.
„Свесни сме дека нашата минатонеделна одлука да купиме руска сурова нафта за рафинирање во производи како бензин и дизел не беше правилна и ние се извинуваме“, се вели во изјавата на главниот извршен директор на Шел, Бен ван Берден.
САД и европските сојузници најавуваат дополнителни санкции за Русија
Москва ја започна својата инвазија на Украина на 24 февруари. Од тогаш, повеќе од 2 милиони цивили ја напуштија земјата. Десетици компании, вклучително и големи фирми од нафтениот сектор како БП и Ексон ја прекинаа соработката, додека Западот воведува строги санкции кон Русија поради нејзината агресија врз Украина.