МНР му врачило вербална нота на рускиот амбасадор Баздникин
Рускиот амбасадор во државава Сергеј Баздникин денеска бил повикан во Министерството за надворешни работи, потврдија од МНР за МИА.
Како што велат од МНР, на амбасадорот Баздникин му била врачена вербална нота, поради објавата на руската Амбасада за евидентирање случаи на русофобија.
Руската амбасада деновиве на официјалните профили на социјалните мрежи објави дека обрнувале големо внимание на „невиденото ниво на русофобија забележано во голем број странски земји во светлината на специјалната воена операција во Украина“.
„Ве предупредуваме дека сите вакви инциденти се внимателно евидентирани“, наведе руската амбасада.
Војната удри и врз македонските земјоделци и транспортери
Вчера Владата на Руската Федерација објави и список на странски држави и територии кои вршат непријателски дејствија против Русија, нејзините компании и граѓани, јавија руските медиуми.
На списокот се наоѓаат Австралија, Велика Британија, земјите-членки на ЕУ, Исланд, Канада, Лихтенштајн, Монако, Нов Зеланд, Норвешка, Јужна Кореја, Сан Марино, Андора, Сингапур, САД, Тајван, Украина, Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Швајцарија, Јапонија и Микронезија.
Земјите и териториите споменати во списокот воведоа или им се придружија на санкциите против Русија по почетокот на руската инвазија врз Украина.
Русија подготви список непријателски земји - Македонија меѓу нив
На брифингот со новинарите прашан за последиците од фактот што Москва ја стави државава на листата на непријателски земји, шефот на дипломатијата Бујар Османи рече дека нашата позиција кон Руската Федерација во котекст на оваа агресија е јасно искажана и манифестирана и дека ќе се придружиме кон сите одлуки на ЕУ за осуда, но и за дефинирање на односот што ќе го имаме со Руската Федерација и оти сето тоа ќе се прави во координација со ЕУ а не врз основа на билатерална одлука.