Словачка протера тројца вработени во Руската амбасада
Словачка протерува тројца вработени во амбасада на Русија врз основа на информации од разузнавачката служба на земјата, соопшти портпаролот на Министерството за надворешни работи Јурај Томага.
На вработените во Амбасадата им е дадено 72 часа да си заминат.
„Министерството за надворешни работи во исто време силно ја повикува Амбасадата на Руската Федерација нивните претставници да ги извршуваат своите активности во согласност со Виенската конвенција за дипломатски односи“, се вели во соопштението на Министерството, без да се наведат никакви детали.
Словачкиот портал за вести денникн.ск, без да цитира извори, објави дека полицијата уапсила најмалку тројца Словаци, еден полковник во Министерството за одбрана, еден член на словачката контраразузнавачка служба СИС и едно лице поврзано со веб-страница за вести што владата ја затвори, претходно овој месец, за ширење дезинформации за сомневање за шпионажа за Русија.
Словачката полиција и обвинителството најавија дека на 15 март ќе одржат прес-конференција за да го елаборираат случајот.
Словачкиот министер за одбрана Јарослав Над, објавувајќи го натписот од порталот денникн.ск на својата Фејсбук страница, напиша дека може да потврди дека военото разузнавање и дало на полицијата „клучни разузнавачки информации, вклучително и јасни докази“ поврзани со случајот, но тој не даде повеќе детали.
ОН - Бројот на украински бегалци од војната надмина 2,3 милиони
„Ова е само почеток, верувам дека структурата убаво се отвори. Одиме понатаму. Јасно и темелно“, напиша словачкиот министер Над.
Од Руската амбасада во Братислава засега нема коментар.