Одложена посетата на шефицата на бугарската дипломатија Генчовска
Одложена е посетата на министерката за надворешни работи на Република Бугарија Теодора Генчовска на Скопје, која беше најавена за утре, соопшти македонското МНР.
Посетата се е одложена поради учеството на Генчовска и на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи на состаноци во рамките на ЕУ и на претсојниот вонреден состанок на НАТО во Брисел.
Османи и Генчовска на маргините на состанокот во Брисел оствариле билатерална средба, наведуваат од МНР.
Вчера во Брисел шефовите на дипломатиите на двете земји присуствуваа на работен појадок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија што се одржа на маргините на Советот за надворешни работи на ЕУ.
Работниот појадок беше организиран под покровителство на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, а беше посветен на европското досие на Северна Македонија.
Франција - Нема доволно основа да се каже дека Скопје ќе почне преговори со ЕУ
Министерот Османи минатата недела на средба со новинарите ја најави посетата на неговата колешка Генчовска на 23 и 24 март во Скопје и продолжувањето на разговорите со Бугарија за отворените политички прашања.
Османи тогаш потенцираше дека се уште постојат разлики, меѓутоа се обидуваат да дојдат до решенија прифатливи за двете страни, како и дека земјава е „апсолутно“ усогласена во ставовите и во позициите согласно резолуцијата на Собранието.