Прва средба на Османи со новата шефица на бугарската дипломатија Габриел
Во Дубровник, на маргините на форумот на кој се разговараше и за проширувањето на ЕУ на Западен Балкан, денеска прв пат се сретнаа шефовите на дипломатиите на Северна Македонија и Бугарија, но не споделија многу детали до јавноста. На официјалната страница на бугарското МНР воопшто не е спомената средбата, а од македонското МНР испратија само кратко соопштение, во кое се вели дека се создаваат перспективи за поинтензивен политички дијалог меѓу Скопје и Софија.
“На средбата министрите разменија мислење за работата на секторските работни групи, чии резултати се конкретни и видливи за граѓаните на двете земји, реафирмирајќи ја нивната важност за севкупните односи и соработка“, се наведува во соопштението на македонското МНР.
Посебен акцент во разговорите бил ставен на европската перспектива на Република Северна Македонија, соодветно на принципите и одредбите од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
Марија Габриел вчера на твитер ја најави средбата со Османи, вбројувајки ја како еден од важните состаноци во Дубровник.
Ова е прва средба, меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, откако се формира ротирачка влада во Софија. Сегашната шефица на бугарската дипломатија Марија Габриел, за 9 месеци ќе седне на премиерското столче на Николај Денков.
А пред десетина дена, бугарскиот премиер, по телефонскиот разговор со Ковачевски, порача дека очекува Македонија да го промени Уставот според договорениот компромис. На официјална страница на бугарската влада беше објавено дека Николај Денков му порачал на Ковачевски дека напорите за позитивни билатерални односи ќе станат второстепени, ако не се реши соодветно прашањето за вклучување на Бугарите во македонскиот устав.
Заменик помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар имал исто така средба со шефот на македонската дипломатија Османи во Дубровник. Според македонското МНР било разговарано и за потребата од забрзување на евроинтегративните процеси на Северна Македонија и земјите од регионот како споделена стратешка цел.
“Процесот на проширување на Европската унија претставува безбедносно прашање, и оттука забрзувањето на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан е од клучно значење за зачувување на стабилноста во нашиот регион, но и Европа како целина. Високо ја цениме континуираната поддршка од САД во таа насока, што е споделен стратешки интерес, но и гаранција за ограничување на влијанието од трети страни”, истакна Османи, соопштија од МНР.
На средбата станало збор и за развојот на билатералните односи во рамки на Стратешкиот дијалог, како и за целокупната поддршка за зајакнување на демократските институции, напредок во владеењето на правото и борбата против корупција.